X
 17.10.2023 Живот

Крвта на исклучително долговечните луѓе покажува клучни разлики

Стогодишниците, кои некогаш се сметаа за ретки, станаа секојдневие. Тие се најбрзо растечката демографска група од светското население, а бројките приближно двојно се зголемуваат на секои десет години.

Колку долго можат да живеат луѓето и што одредува дали нечиј живот ќе биде долг е нешто за кое се интересираат луѓето уште од дамнина. Платон и Аристотел разговарале и пишувале за процесот на стареење пред повеќе од 2.300 години.

Меѓутоа, стремежот за разбирање на тајните за исклучителната долговечност не е лесен. Тоа вклучува разоткривање на сложената интеракција на генетската предиспозиција и факторите на животниот стил и нивната комбинација во текот на животот на една личност.

Неодамнешно истражување објавено во „Геросајнс“ открива вообичаени биомаркери и нивоа на холестерол и гликоза кај луѓе што живееле над 90 години.

Досега студиите за стогодишниците често беа од мал обем и беа фокусирани на избрана група која ги исклучувала стогодишниците што живееле во старски домови.

Ова истражување ги споредува профилите на биомаркери измерени во текот на животот меѓу исклучително долговечните луѓе и нивните пократковечни врсници.

Така, научниците ги споредиле профилите на биомаркерите на луѓето што живееле над 100 години и нивните врсници со пократок животен век, па ја истражувале врската помеѓу овие профили и шансата да станат стогодишници.

Истражувањето опфатило податоци од 44.000 Швеѓани што биле подложени на здравствени процени на возраст од 64 до 99 години. Овие учесници биле следени преку податоците од шведскиот регистар до 35 години. Од овие луѓе, 1.224 или 2,7 отсто доживеале 100 години. Мнозинство, 85 отсто од стогодишниците биле жени.

Биле вклучени 12 биомаркери базирани на крв, поврзани со воспаление, метаболизам, функција на црниот дроб и бубрези, како и потенцијална неухранетост и анемија. Сите тие биле поврзани со стареење или смртност во претходните студии.

Научниците откриле дека оние што стигнале до својот стоти роденден имале тенденција да имаат пониски нивоа на гликоза, креатинин и урична киселина од нивните шеесетти години наваму. Иако средните вредности не се разликувале значително помеѓу стогодишниците и нестогодишниците за повеќето биомаркери, стогодишниците ретко покажувале екстремно високи или ниски вредности. На пример, многу малку од стогодишниците имале ниво на гликоза над 6,5 порано во животот или ниво на креатинин над 125.

Дури и ако разликите што ги откриле научниците се генерално прилично мали, тие укажуваат на потенцијална врска помеѓу метаболичкото здравје, исхраната и исклучителната долговечност.

Сепак, исхраната и внесот на алкохол играат голема улога. Следењето на вредностите на бубрезите и црниот дроб, како и гликозата и уричната киселина како што стареете веројатно не е лоша идеја.

Извор: Science alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот