X
 16.09.2023 Наука

Пензионерите што имаат хоби се помалку склони кон депресија, покажува истражување

Пензионерите што се занимаваат со хоби се поздрави и позадоволни и покажуваат помалку симптоми на депресија во споредба со оние што не се склони кон редовни слободни активности, покажуваат резултатите од опсежната научна анализа на пет студии кои вклучија учесници од 16 земји.

Истражувачите веруваат дека од овие многу конкретни податоци, креаторите на политики би можеле да извлечат поука и да преземат соодветни мерки.

Испитаниците што имале хобија се чувствуваат подобро

Како дел од истражувањето, чии резултати беа објавени во септемвриското издание на стручното научно списание „Нејчр медисин“, биле испитани повеќе од 93.000 луѓе на просечна возраст меѓу 71,7 и 75,9 години во САД, Кина, Јапонија и некои европски земји.

Учесниците одговарале на прашања за нивните слободни активности и придобивките што им ги носат. Авторите на студијата заклучиле дека испитаниците што се занимаваат со хоби и уживаат во слободните активности кои им одговараат се чувствуваат подобро.

На резултатите не влијаеле фактори како што се партнерство, статусот на вработување или редовниот приход на домаќинството.

Разлика од земја до земја


Терминот „хоби“ се користи за опишување активност што луѓето претпочитаат да ја прават во слободното време, индивидуално или колективно, заради задоволство и забава, како што се сликарство или други уметности, изработка на разни предмети, читање, спортување, градинарство, волонтирање, членство во клуб...

Кога станува збор за преваленцијата, излегува дека има големи разлики од земја до земја. Така, повеќе од 90 отсто од испитаниците во третата доба од животот во Германија во прашалникот одговориле дека се занимаваат со некакво хоби.

Во исто време, овој процент бил само 54 отсто во Италија, а 51 отсто во Шпанија. Се покажа дека убедлив лидер е Данска со 96 отсто. Различните услови за живеење не влијаеле значително врз резултатите.

Се покажа дека во земјите со високи места на скалата на Светскиот индекс на среќа и оние со подолг животен век, како што се Данска, Шведска и Швајцарија, застапеноста на хоби кај членовите од третата возрасна група била многу висока.

Невозможно е со сигурност да се каже дали хобијата ги прави луѓето посреќни или дали посреќните луѓе имаат поголема веројатност да имаат хоби.

Авторите откриле дека врската помеѓу хобито и психолошката благосостојба е релативно стабилна меѓу испитаниците од сите земји што учествувале во истражувањето.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука