Под површината на Марс можеби се крие неактивна магматска комора, се наведува во новото истражување објавено во средата. Наодите објавени во списанието „Сајанс адвансес“ покажуваат дека, геолошки гледано, Марс воопшто не е мртов во внатрешностa.
- Нашите наоди укажуваат на тоа дека Марс задржал доволно внатрешна топлина за да поддржи вулканска активност сè до неодамна, а можеби ја поддржува и денес - рече Даниел Меж од Полската академија на науките.
Во 2021 година вселенско летало, дел од тогашниот европско-руски истражувачки проект „Ексо Марс“, откри хлороводород во атмосферата на Црвената Планета. Според Европската вселенска агенција (ЕСА), тој вид гас на Земјата често се открива кога излегува од магматските отвори.
Потоа експертите открија дополнителни количини хлороводород во необично време и на неочекувано место. Присуството на тој гас на планетата, оддалечена милиони километри од Земјата, се менува во зависност од годишното време.
Леталото откри пукнатини во регионот Алба Монс на Марс, од кои некои се долги неколку стотици метри. Експертите претпоставуваат дека низ тие пукнатини би можеле да излегуваат гасови од магмата.
Според податоците на ЕСА, на Марс се наоѓаат најголемите вулкани во Сончевиот Систем, иако не е јасно колку од нив сè уште се активни. На планетата се забележани и земјотреси.
Иако тоа укажува на можна вулканска активност, на Марс никогаш не се забележани ерупции, ниту нови текови на лава. Според Меж, уште една причина за интересот за тие пукнатини е потрагата по живот.
- Ако хидротермалните системи се активни, тие би можеле да содржат состојки и енергија потребни за развој на микроорганизми, и истовремено да ги штитат од непријателската и променлива средина над површината - рече тој.
Фото: magnific