Роверот „Персевиренс“ на НАСА веќе девет месеци неуморно работи на Марс. Една од неговите најважни мисии е астробиолошка анализа на почвата, која треба да покаже дали има траги од микробиолошки живот на Марс (сегашен или, поверојатно, одамна исчезнат). За да се испита составот на почвата, роверот е опремен со ласери и дупчалки кои можат да навлезат во карпите, а има и роботска рака која ги става собраните примероци во специјални титаниумски контејнери. Тие ќе бидат подигнати и испорачани на Земјата за понатамошна анализа со следните мисии.
Во еден неодамнешен обид да се пробие карпа и да се земат примероци, тимот на НАСА откри нешто неочекувано во прашината на Марс.
- Последниот примерок од почва е од карпа полна со зеленикав минерал оливин, а научниот тим има неколку идеи за тоа како стигнал таму - пишуваат од контролата на мисијата на социјалните мрежи.
Фото: Bug.hr
Неочекуван оливин
Ова не е првпат оливин да се најде во вселената. Тој е еден од најчестите минерали на Земјата - се појавува во магматските и метаморфните карпи на горната обвивка на Земјата. Оливин е силикат од магнезиум-железо во својот состав, а името го добил по неговата зеленикава боја. Досега неговото постоење е потврдено на Месечината, астероидите и кометите, како и на Марс.
Но, најновото откритие е интересно бидејќи минералот не се наоѓа само во траги, туку во малку поголема количина. Една од претпоставките, заклучувајќи според потеклото на овој минерал на Земјата, е дека тој најчесто е резултат на вулканска активност.
Ако е така, ова откритие би можело да донесе нови хипотези поврзани со почвата во Кратерското Езеро, во кое дејствува роверот. Долго време се сметаше дека тоа е пресушено дно на поранешно езеро, каде што може да се најдат карбонатни наслојки и можни траги од одамна изгубениот живот. Но, откривањето на оливинот може да доведе и до заклучок дека дното на овој кратер е покриено со наталожена пепел од ерупцијата на древен вулкан на Марс.
Извор:
Bug.hr
Фото: Bug