Еден ден по успешното полетување на хеликоптерот „Инџинуити“ на Марс, тимот што стои зад роверот „Персевиренс“ на американската вселенска агенција НАСА постигна нов успех. Уред што се наоѓа во роверот успеа да произведе кислород од атмосферата на Марс, која речиси целосно е составена од јаглероден диоксид.
Експерименталниот инструмент е наречен експеримент за кислород на Марс со искористување локални ресурси или
МОКСИ (англ. MOXIE - Mars оxygen in-situ resource utilization experiment). Во вторникот МОКСИ успеа да ги раздели атомите на кислород од молекулите на јаглероден диоксид и произведе кислород.
Џим Ројтер од НАСА објаснува дека уредот треба да спроведе уште многу експерименти, но резултатите од експериментот со оваа технологија ветуваат дека еден ден луѓето навистина би можеле да живеат на Марс. Слична технологија би можела да создава воздух за дишење за идните астронаути или жители на оваа планета.
Во првиот експеримент уредот произвел околу 5 грама кислород, односно доволно за еден човек да диши околу 10 минути. Уредот е направен за да може да создава до 10 грама кислород на еден час, па затоа не би бил доволен за да преживеете на Марс, но НАСА се надева дека идните уреди ќе бидат поефективни.
Се планира МОКСИ да произведе кислород барем уште девет пати во првите две години додека се наоѓа на Марс. Тимот планира да спроведува експерименти со уредот во кои тој би работел во различни услови и во различно време од денот и годината.
Автор: Ерик Мек
Извор:
cnet.com