X
 11.07.2018 Наша тема

Да се забрани иселувањето, не може. Државата да обезбеди работа, добро образование, здравство... Е тоа може

Последиците се лоши, а за нас е особено лошо ако продолжи истиот тренд, смета Јовановиќ

Македонија е мала земја која не смее да си дозволи масовно и трајно иселување, особено на младото и работоспособно население. Тоа ќе доведе до огромни финансиски загуби поради неповратното вложување во образованието на граѓаните, од чии знаења и вештини корист ќе имаат други земји... Ова се само дел од негативните последици што ја очекуваат нашата земја поради масовното иселување на Македонците. Според професорката Марија Топузовска-Латковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, иселувањето ќе доведе и до голема промена на демографските карактеристики на населението.

Факултети.мк објави дека за десет години околу 9.000 македонски ученици се отпишале од матичните училишта и се запишале во школи во странски земји. Податоците се од Државниот завод за статистика.



Учениците не одат сами во странски земји, со нив се и родителите

Пензионираната професорка Амелија Јовановиќ, експерт по демографија, вели дека овие ученици не заминале сами во други држави. Со нив мора да се отидени и родителите.
- Ова значи дека се отселени цели фамилии. И не е мала бројка, голема е. Тоа го објаснува и трендот на намален број на ученици во училиштата. Младо население се сели со тие деца. Основците заминуваат на школување со родителите. Тоа е поразително за нас како држава – вели Јовановиќ. Последиците се лоши, а за нас е особено лошо ако продолжи истиот тренд, смета таа.
- Ако младите излегуваат надвор, а ние сме веќе држава со старо население, последиците се секако негативни за нас. Ќе немаме активно население кое ќе треба да работи во оваа земја. Едноставно ќе го нема столбот на едно општество. Демографските процеси се долготрајни, не може да се поправат за година-две – објаснува Јовановиќ.


Некој се сели заради подобро образование, некој заради поголема плата

Македонците се селат во странски земји поради различни причини, некои бараат подобра егзистенција за семејството, поквалитетен живот, некој бара подобро образование.
Професорката Топузовска-Латковиќ објаснува дека кога се зборува за миграциите, воoбичаениот модел е дека лицата од рурални места мигрираат кон урбаните места внатре во земјата, а лицата од земји во развој мигрираат кон развиените земји. Или се вели дека „истокот се сели на западот“.

- Според нашите истражувачки сознанија, најчесто причините се од економски карактер: потрага по подобар животен стандард, подобро образование и вработување, повисока плата... Иако, во помал процент, за поединечни случаи постои напуштање на матичната земја и поради подобра реализација на правата, културна разновидност и друг менталитет, општествена/политичка стабилност на земјата-домаќин, функционалност на системот, итн. Сепак, стимулирањето на образовната и работната мобилност во ЕУ и визната либерализација треба да се имаат предвид како дополнителни фактори кои последните години во одредена мера го поттикнуваат и олеснуваат иселувањето – вели Топузовска-Латковиќ.

Не барајте вина во оние што се селат

Демографот Јовановиќ додава дека поради лошите услови што ги имаме тука, луѓето се принудени да бараат подобри некаде надвор. Бугарските пасоши се секако опција која денеска ја користат многумина.
- Порано не можеше никаде да се излезе, бевме затворени. Кога си во тешка ситуација, бараш излез. Јас не барам вина во луѓето што си заминале надвор. Излезот го барале во тие пасоши. Никој нема да си оди ако тука има добар живот – вели таа.

Со бројот на отселени Македонци постојано се шпекулира. Непостоењето на официјални податоци за иселувањето од Македонија не ни дава простор за конкретна анализа на оваа појава, за која, пак, општиот впечаток во јавноста е дека е сè помасовна од година на година, смета професорката од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

- Во ситуација кога немаме нов попис веќе 16 години, туку процени на населението, и за иселено лице важи дефиницијата која подразбира единствено трајна промена (одјава) на адресата на живеење надвор од земјата, без мапирање на образовната и работната мобилност, малку може да се каже, а тоа да се базира на аргументи. Според официјалните податоци на ДЗС, во последните десет години се иселиле околу 8.000 државјани на РМ, од сите возрасти и региони, без некој посебен (растечки или опаѓачки) тренд низ годините. Но, секако оваа појава постои и видно се забележува во сите општествени сфери – вели таа.



Младите треба да ја замислат иднината овде како светла и перспективна 

Какви ќе бидат последиците на целокупното општество од масовното иселување на Македонците? Топузовска-Латковиќ вели дека Македонија е релативно мала земја која не смее да си дозволи масовно и трајно иселување, особено на младото и работоспособно население.
- Последиците ќе резултираат и со промена на демографските карактеристики на населението, а веќе и природно населението старее поради намалените стапки на фертилитет. Младите и компетентните луѓе ни се потребни да останат во земјава ако посакуваме општествен и економски развој, но за тоа е неопходно и тие да можат да ја замислат иднината овде како светла и перспективна.

Јовановиќ, пак, додава дека државата треба да им обезбеди подобри економско-општествени услови на младите за Македонија да не стане земја на стари лица.
- Младите да може да работат, да се обезбеди општествена сигурност, населението е заплашено, оваа политичка ситуација е навистина тешка за Македонија. Луѓето се обесхрабрени, јас се надевам дека разумот ќе преовлада и кој може треба да остане. Потребно е да се создадат услови за работа за младите, да се забрани иселувањето, не може. Но, да се обезбеди економско општествени услови, работа, добро образование, здравствена нега, е тоа може - вели Јовановиќ.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема