За да ги одвикне учениците од виртуелниот свет и да ги натера целосно да се посветат на наставата и да поминат поквалитетно време во училиштата, британската влада размислува да го забрани носењето паметни телефони во училиштата.
Министерот за образование Ник Гиб смета дека на учениците треба да им се забрани носење на паметните телефони во училиштата. Тој ги објави новите насоки за училиштата, наменети за справување со безбедноста на интернет, социјалните медиуми и онлајн-игрите. Овие насоки треба да му го ограничат времето на детето што го поминува на интернет.
Но, владината политика посочува дека директорите на училиштата се одговорни за училиштата и тие сами треба да одредат дали ќе го спроведат овој предлог.
Фото: Getty Images
Патси Кејн, извршен директор на Фондацијата за образование и лидерство во Манчестер, смета дека планот на Гиб не го зема предвид тоа што мобилните телефони можат да бидат многу корисни за учење.
Нејзината фондација поттикнува одговорна употреба на паметните телефони за време на часовите и дека наставниците им ги земаат уредите на учениците доколку тие ги користат несоодветно за време на настава.
- Постојат одлични апликации за користење, а учениците се навистина мотивирани да ги користат - вели таа.
Гиб, пак, смета дека учениците претеруваат со употребата на мобилните. Свесен е за предностите на интернетот и нема ништо лошо во сурфањето на интернет, но децата не би требало да поминуваат долго време на телефоните и таблетите.
- Претераното користење на социјалните мрежи и играње видеоигри ги оддалечува децата од комуникацијата со родителите, вежбањето, играњето со другарчињата или извршувањето на
училишните обврски. Освен тоа, го намалува времетраењето на сонот и одморот што децата го имаат, што резултира со умор и недоволна концентрација - вели Гиб.