X
 05.06.2021 Наша тема

Порано со селотејп им го лепеле моливот на раката, а денес училиштето „Климент Охридски“ - Битола има најсовремена опрема за деца со атипичен развој

Почнавме со еден молив кој буквално со селотејп го лепевме за раката на ученикот, која се тресеше, за да може да го држи и да го насочи. Правевме адаптација од ништо, а сега стигнавме до најдобра апаратура во овој регион, не само во нашиот град - вели Андријана Шокларовска, дефектолог, специјален едукатор и рехабилитатор.

Учениците со атипичен развој што се вклучени во редовната настава во Основното училиште „Климент Охридски“ во Битола нема веќе да ги совладуваат содржините гледајќи во зелена табла. Во училниците во прво одделение, каде што има и двајца стипендисти од проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“ на Фондацијата „Чекор по чекор“, поставени се паметни табли приспособени на нивните образовни потреби. Пристигнаа и креативно изработени дидактички материјали, кои не даваат впечаток дека се работи за учење, туку за игра. Веќе нема да пресметуваат на традиционален начин, туку со магнети ќе го одредуваат збирот или разликата. 3Д-формите ги изучуваат како играчки со кои се градат предмети и објекти.



Нема генерација без ученици со тешкотии

Ова е најголемото основно училиште во Битола, но и образовна средина каде што има најголем број ученици со попреченост вклучени во редовната настава. Користејќи ги можностите, од опрема до кадар, што ги нуди школото, тука се образоваат 15 деца со атипичен развој. Нема одделение без ученик со попреченост, без разлика дали е слабовидност во прашање, телесна инвалидност, интелектуална попреченост, аутизам и друго. Има родители од други реони кои по своја желба тука ги носат нивните деца. Училиштето е најопремено со дидактички материјали за вакви категории ученици, имаат пристапни рампи за влез, но и внатре за приод до различни кабинети. На вратите од училниците на Брајово писмо ги пишува имињата на наставниците. Тоа е единственото училиште со вработен дефектолог (специјален едукатор и рехабилитатор) и за учениците се обезбедени образовани асистенти кои седат со нив на часовите и им помагаат да ја совладаат материјата.

- Кога почнав да работам тука пред 10 години, бев како Алиса во Земјата на чудата. Го знаев она што го научив на факултет. Тука ментор ми беше психологот, таа ми кажуваше од нејзин аспект, а јас без дефектолог. Многу се трудев да се стигне до она што сме денес – училиште по мерка на сите ученици. Почнавме со еден молив кој буквално со селотејп го лепевме за раката на ученикот, која се тресеше, за да може да го држи и да го насочи. Правевме адаптација од ништо, а сега стигнавме до најдобра апаратура во овој регион, не само во нашиот град - вели Андријана Шокларовска, дефектолог, специјален едукатор и рехабилитатор.

Андријана Шокларовска, дефектолог

Индивидуален пристап до секое дете

Со овие деца се работи по индивидуален образовен план, кој го подготвуваат дефектологот, наставникот и образовниот асистент, се предвидува вклучување и на психологот и педагогот. Во зависност од категоријата на атипичен развој, децата имаат различни афинитети во учењето.

- Забележавме дека на наш ученик му привлекуваше големо внимание ранчето на едно девојче на кое имаше слонче. На почетокот ништо не зборуваше, потоа кога ќе го видеше, кажуваше „слонче“. Тоа го искористивме за да се запознае со девојчето, а потоа да ги научи имињата и на другите ученици во одделението. Благодарение на нашиот напор и на родителите, на средината која одлично го прифати детето, тоа денес ги препознава сите букви и знае да ги каже и буквите и броевите, знае да брои до 10, препознава 2Д-форми по боја и форма - вели одделенската наставничка Жанета Лутовска.

 

 

 Книги на Брајово писмо

Обезбедени девет образовни асистенти

Училиштето преку проект на УНДП, поддржан од Општина Битола, користи девет образовни асистенти кои одат на настава заедно со учениците, со физичко присуство, а онаму каде што се одвива онлајн се вклучуваат преку интернет. Меѓу нив е и Оливер Крстевски, дипломиран професор по македонски и англиски јазик со сертифицирана диплома за образовен асистент во инклузивно образование. Тој вели дека покрај образованиот сегмент, работат и на емоционалната состојба на децата и прифаќањето од средината.

- Најтежок момент е кога ученикот е вознемирен, па има тантруми. Тоа е ситуација на соочување зашто во одделението има уште дваесетина ученици кои треба да се соочат со таа ситуација, која им е стресна. Им објаснуваме на децата што е тоа што го доживува ученикот. Тантрум е кога искажува бес, лутина, не може соодветно емоционално да изреагира. Збунети се, но се разговара за да го прифатат - вели Крстевски.

Досега во училиштето немало пример дете да не биде прифатено. Напротив, тие се чувствуваат комотно во средината. Учениците им помагаат до тој степен што ја туркаат количката и им создаваат услови за да се сместат соодветно во друга училница каде што има настава. Други се однесуваат со другарчињата со атипичен развој исто како да се нивно рамниште, па играат со нив или негодуваат доколку нешто не им се допаѓа во нивното однесување, со што им помагаат во социјализацијата. Ова е училиште по мерка на учениците.

Гордана Анастасова, директорка на ОУ „Климент Охридски“ - Битола

Рампи, најсовремена опрема, а во план е и изградба на лифт

- Водиме грижа овие дечиња да имаат еднаков пристап како и другите ученици. Имаме пристапни рампи и на главниот влез и на споредниот, а направена е рампа за да се движат од едниот до другиот кабинет. За учениците со оштетен вид, имаме отворено Ресурсен центар преку проект од УНДП, учениците се снабдени со учебници со Брајова азбука и со лупи, кои ги користат за подобро да ја следат наставата и да читаат. Центарот е целосно опремен со едукативни игри. Проектот истече, но Ресурсниот центар со целата опрема остана во нашето училиште и се користи во наставата - рече Гордана Анастасова, директорка на ОУ „Климент Охридски“ - Битола.

Преку проектот „Отворете ги прозорците“ беше меѓу првите училишта во земјава што добија опрема за асистивна технологија, почнувајќи од тастатури со големи букви, џојстици со кои учениците се оспособуваат да користат компјутери. Располагаат и со едукативни софтвери за совладување мајчин јазик и математички содржини преку игра. Дури 80 проценти од вработените во школото се вклучени во настава на ученици со атипичен развој.


 Компјутер со посебна тастатура

 - Желба и план ни е да направиме лифт за лицата со телесен инвалидитет, потребен ни е и се надеваме дека ќе го направиме, сега имаме и ученик со тешкотии во движењето, па за да нема потреба личен асистент да му помага за да се искачи на катот, а тие се деца и со годините сакаат да бидат што посамостојни, па се обидуваме да им обезбедиме и ваков приод. Се надеваме дека со тоа уште повеќе ќе го доближиме училиштето до потребите на учениците. Училиште по мерка на секој ученик - нагласува директорката.

 

 Печатач на Брајово писмо

Фото: приватна архива

 

Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема