X
 06.02.2019 Живот

Како најпознатата порно-ѕвезда се претвори во најнадежниот македонски научник: лекција за лажните вести

Kако екстремно љубопитен човек, сакав да направам еден можеби невкусен социјален експеримент преку кој ќе пробам да утврдам дали истата таа скептичност барем малку преовладува и кај обичниот човек на социјалните медиуми како „Фејсбук“

Првото нешто што секој иден научник во текот на својата кариера го учи е како да размислува критички, како скептично да преиспитува авторитети и како ригорозно да ја проверува веродостојноста на информациите.

Најчесто на мојот facebook профил објавувам постови на теми како геномика и епигеномика на рак, критичко и скептично размислување и популаризација на наука. Па како екстремно љубопитен човек, сакав да направам еден можеби невкусен социјален експеримент преку кој ќе пробам да утврдам дали истата таа скептичност барем малку преовладува и кај обичниот човек на социјалните медиуми како „Фејсбук“. Сакав да увидам колку луѓетo во Македонија се склони на лажни вести (анг. fake news) и колку од нив незауздано сркаат информации без притоа минимално да ги проверат. На сите оние што се навредија, им се извинувам, но сепак: „Мил ми е Платон, но уште помила ми е вистината“.

Во постот беше поставена слика од еден од најпознатите порно-глумци Џејмс Дин и беше напишано следното:

„Ова е Јаков Денкоски https://www.facebook.com/JakovDenkoskiPhD, родум од Преспа и има 32 години. Докторира како еден од најмладите докторанди на Универзитетот во Масачусетс. Учествуваше како еден од лидерите во научниот тим што работеше на еден од најголемите проекти за трансгенерациско супрагенетско клонирање на трабекули. Ова научно достигнување во изминатиот месец постојано се вртеше низ американските блогови и портали за наука. Во Македонија ни трага ни глас од истото.

Очигледно Македончето го интересира само политика, подлегнување на авторитети, заговори и читање површни работи без критичка мисла и проверка на истите. Споделувајте за Македонија да види дека имаме паметни луѓе!“.

За жал, во рок од помалку од 24 часа постот стана вирален и беше споделен над 650 пати и имаше над 2500 лајкови. Во постот имаше неколку црвени харинги, на пример, „трансгенерациско супрагенетско клонирање на трабекули“ кое како фраза нема никакво значење. Исто така, во самиот пост беше укажано дека сите информации треба критички да се проверат. Резултатот беше прекрасно тажна демонстрација за брзината со која лажните вести може да се споделат од голема маса наивни и лекомислени луѓе. Замислете го ефектот на лажните вести што се однесуваат на дневнополитички работи, за кои луѓето секако имаат силни мислења. Замислете го ефектот на лажните вести за работи што се од системско и есенцијално значење за граѓаните. Замислете го ефектот на лажните вести што тврдат дека сода бикарбоната и канабисот лекуваат рак или дека Земјата е рамна. Затоа, наравоучение од оваа лекција е:

1. Запаметете дека за сите неверојатни тврдења се потребни неверојатни докази.

2. Пред да споделите некаква информација, проверете ја нејзината вистинитост. Некогаш тоа се прави со неколку дена истражување, некогаш се прави со еден клик на тастатурата.

3. Не подлегнувајте на авторитети и секоја информација анализирајте ја независно. Следете каде ве водат доказите, а не авторитетите.

4. Доколку ги немате потребните вештини да го направите горното, подобро не споделувајте и не коментирајте.

Иако преку еден пост не може да се извади сериозен научен заклучок, тој може да нè подучи да бидеме повнимателни.

Со љубов и силен плисок со ладна вода,
д-р Горан Кунгуловски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот