X
 04.04.2018 Живот

Лажните вести на интернет се шират многу побрзо од вистинските

Има една мисла што често му се припишува на Марк Твејн - лагата може да пропатува половина свет додека вистината да ги обуе чевлите. Иронично е што тој никогаш не го кажал ова. Но, тоа само покажува дека изреката сепак е вистинита исто како што покажува и најновата студија за лажните вести и социјалните медиуми.


Фото: Pixabay

Според едно неодамнешно истражување, лажните вести се шират побрзо низ социјалните медиуми од вистинитите. Сороуш Восоуги, Деб Рој и Синан Арал од медиумската лабораторија при Масачусетскиот институт за технологија (МИТ) разгледале твитови на околу три милиони корисници напишани во период од десет години и следеле како различни статии предизвикуваат различни реакции во твитосферата. Тие следеле како твитовите „се слеваат“ или се шират во другите делови од интернетот преку ретвитање и преку пишување коментари. Потоа тие правеле рангирање на тоа како поминале статиите според шест независни организации за проверка на факти.

Има два начина на кои одреден твит може да се прошири. Ако некоја славна личност со милион следбеници го сподели, тој може да биде ретвитнат од 10.000 фанови или, пак, може да биде споделен од лице со малку следбеници, кои ќе го ретвитнат. Тогаш следбениците на тие корисници ќе го ретвитнат и следбениците на нивните следбеници ќе го ретвитнат и на крај твитот ќе допре до 10.000 твитерџии. Првиот пример, кога многу луѓе споделуваат нечиј твит, се нарекува плитка каскада, додека вториот, кога твитот е споделуван од синџир од илјадници твитерџии се нарекува длабока каскада. И во битката меѓу вистинските и лажните вести, лажните вести доминираат во двата случаја.

Лажните вести стигнуваат до поголема публика од вистинските и одат подлабоко во социјалните мрежи. Тоа е така дури и кога ќе се исклучат ботовите, чија работа е да шират лажни вести. Вистинските вести се борат да соберат десет ретвити, додека лажните вести лесно собираат 19 во една десетина од временскиот период.

Што е тоа што предизвикува толку брзо ширење на лажните вести?

Кога ќе ги исклучите ботовите, станува јасно дека всушност човечките мозоци се оние што предизвикуваат толку брзо ширење на лажните вести. Тоа сугерира дека проблемот едноставно можеби е во нашите мозоци. Но, не е дека бараме лаги за да ги шириме. Дури и вистинските статии што функционираат како пропаганда не се шират толку добро како лажните, кои може да служат за истата намена. За истражувачите, тоа сугерира дека нешто во лагите ги прави полесни за ширење.

Во основа сѐ се сведува на две нешта: новостите и емотивниот набој. Вистинските вести инспирираат тага, радост или доверба, додека лажните вести предизвикуваат чувство на бес, гадење и страв. Оние што се полни со негативни емоции се шират молскавично. А кога не сте ограничени од вистината, можете да напишете наслов кој ќе привлече многу кликови.

Добрата вест е што други студии укажуваат дека големо мнозинство луѓе се информираат од легитимни извори. Исто така е важно да се признае дека оваа студија следи само како се шират насловите, а не колку луѓето веруваат во нив.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот