27.02.2019
Технологија
Вештачка интелигенција што може да прави лажни вести
Истражувачката непрофитна компанија Опен-АИ од Сан Франциско, САД, соопшти дека создала нова програма за генерирање текст, наречена ГПТ-2, која „се однесува како камелеон“. Новата вештачка интелигенција тие првично ќе ја претстават во непотполна верзија, а изјавија дека се загрижени поради можна злоупотреба.
- Причината за вознемиреност е во тоа што компјутерската програма, која произведува делови од текст засновани на она што самата ќе го прочита, е „малку предобра“ во тоа што го работи - изјави претставник на компанијата.
Имено, вештачката интелигенција е способна да осмисли „синтетички текст со врвен квалитет“ и има генератор за текст со база на податоци од осум милиони интернет-страници. Тоа, наводно, може да послужи за креирање лажни вести, измами и злоупотреба на социјалните мрежи.
Некои, пак, во ова застрашувачко претставување препознаваат само една самопромоција на компанијата.
Еден од нив е и информатичарот Кристофер Менинг од Универзитетот „Стенфорд“, кој смета дека ГПТ-2 е едноставно подобра верзија од другите генератори на текст и дека нема место за страв.
Извор: МИА