X
 06.02.2019 Наука

Климатските промени ја менуваат бојата на океаните

Поради затоплувањето на планетата, се менува дистрибуцијата на фитопланктоните во океаните. Иако овие микроскопски суштества се премногу ситни за да може да се видат со голо око, генералниот ефект ќе биде очигледен.

Промените на температурата на водата буквално ја менуваат бојата на океаните. Тоа е посочено во нова студија објавена неделава во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ од страна на истражувачи од МИТ. Научниците развиле модел кој, користејќи фотографии направени од сателити, можат да симулираат како растот и интеракцијата на фотопланктоните ќе се променат како што температурите на морињата низ светот се зголемуваат.

Во суптропските региони топлите води ќе стануваат уште потопли, поради што ќе има разместување на популации на фитопланктони и генерално на морскиот свет. Во тие области водата ќе изгледа посина отколку што веќе е. Во меѓувреме, во водите што се поблиску до половите, затоплувањето ќе направи водата да изгледа позелена бидејќи повисоките температури ќе охрабрат да се распространуваат поразновидни популации на фитопланктони.  И кога сончевите зраци ќе ги погодат тие микроскопски организми, рефлектираната светлина е зелена.

Бојата на океанот е одредена од тоа колку сончевата светлина е во интеракција со нештата во водата до кои таа допира. Самите водени молекули се способни да го апсорбираат поголемиот дел од светлосниот спектар на сончевата светлина, со исклучок на синиот дел - поради што претежно бесплодните предели од отворените океани се сини на сателитските снимки направени од вселената. Но, кога во водата има фитопланктони, тие апсорбираат и рефлектираат различни бранови должини на светлина и оттука доаѓа зелената боја во одредени области од океаните.

Моделот развиен од страна на овој тим на истражувачи е прв од ваков тип бидејќи се заснова на мерење на рефлектираната светлина. Моделот им овозможува на научниците да предвидат како ќе се менува популацијата на фитопланктоните во зависност од температурата.

Со симулациите било утврдено дека ќе има забележлива разлика во бојата на околу 50 отсто од океаните на планетата до крајот на 21 век.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука