X
 06.02.2019 Образование

Училиштата во Англија воведуваат нов предмет - совесност

Учениците во Англија веќе учат математика, наука и историја, но стотици училишта се подготвуваат да ја прошират традиционалната наставна програма со нов предмет - совесност.

Во 370 англиски училишта ќе почне да се практикува совесност за подобрување на менталното здравје на младите. Тие ќе работат со експерти за ментално здравје за да научат техники за релаксирање, вежби за дишење и други методи што ќе им помогнат да ги регулираат своите емоции.

Целта на програмата е да се проучи кои пристапи најдобро функционираат за младите луѓе во светот подложен на брзи промени.

- Како општество, ние сме многу поотворени за нашето ментално здравје отколку порано, но современиот свет носи нови притисоци за децата - изјави Дамјан Хиндс, британски секретар за образование.

1
Фото: Lindsay Morris


- Децата ќе почнат постепено да се запознаваат со прашањата за менталното здравје, благосостојбата и среќата уште од почетокот на основното образование - додаде тој.

Иницијативата доаѓа по неколку месеци откако анкетата порачана од Националната здравствена служба покажа дека едно од осум деца во Англија на возраст меѓу 5 и 19 години страда од најмалку едно ментално нарушување.

Истражувањето, објавено во ноември, покажа и зголемено ментално нарушување кај децата на возраст од 5 до 15 години, што се зголемило на 11,2 отсто во 2017 година од 9,7 отсто во 1999 година. Најчести се нарушувања анксиозност и депресија кај 1 од 12 деца, најмногу погодувајќи ги девојчињата.

- Децата денес се борат успешно да се вклопат во сложениот современ свет - се спротивставуваат на работи како што се интензивен притисок на училиште, малтретирање или проблеми дома, додека се бомбардирани од социјалните медиуми - вели Имрах Хусеин, директор за политиките и кампањи на „Акција за децата“, британска добротворна организација.

- Ќе се обидеме да ја намалиме стигмата против проблемите со менталното здравје, со тоа што училишната средина ќе стане писмена за менталното здравје - изјави д-р Џесика Дејтон, вонреден професор по детско ментално здравје и благосостојба на Универзитетскиот колеџ во Лондон, која е лидер на овој проект на владата.

Таа додаде дека програмата вклучува неколку тактики, како и обука на наставниците и учење за релаксација. За време на групните дискусии ќе бидат поканети и професионалци од ова поле.

- Потребно е подобро да ги подготвиме за подоцна во животот, а не само да направиме да се чувствуваат добро краткорочно - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование