Холандската организација „Броукен чок“ направила анализа на главните предизвици во основното и во средното образование во земјите од Западен Балкан, поточно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.
Така, во анализата стои дека еден од главните предизвици кога станува збор за основното образование во Македонија е тоа што успехот во учењето кај учениците е низок. Понатаму, образовните циклуси не дефинираат јасни цели кога станува збор за резултатите од учењето по секој циклус во основното образование, стои во анализата.
Се додава и дека наставната програма е преоптоварена и неважна за локалната средина.
- Од 2013 до 2017 година Македонија имплементира систем за екстерно тестирање, но тоа не успеа да ги подобри резултатите. Тоа го пренасочи фокусот од учењето од професор и го смени во помнење информации наместо основно разбирање и генерална логика - стои во анализата.
Фото: Pixabay
Ова се споменува како проблем во целиот регион. Аналитичарите додаваат и дека во Македонија многу деца што се припадници на ромската заедница не се вклучени во образовниот систем. Процентот на редовност во следењето на наставата и откажувањето се поврзува со социо-економската заднина на учениците од ромската заедница и е одреден од ниското образовно ниво на родителите, ран брак и слабо познавање на македонскиот јазик.
Понатаму, децата со специјални образовни потреби не се доволно вклучени во системот за основно образование, стои во анализата. Вклучувањето на овие деца во класичните училишта не е соодветно регулирано и не се воведени соодветни механизми. Овој проблем се поврзува со предрасуди кај родителите, наставниците и учениците од овие групи.
Наставниците не се квалификувани да работат со специфични категории на ученици. Слична е ситуацијата и со децата од поправните институции и бездомниците.
Фото: Pixabay
Кога станува збор за наставната програма, многу учебници треба да се поправат, се вели во анализата.
- Во книгите нема елементи на мултикултурализам, интеграција и диференцијално почитување. Стереотипите, предрасудите и стигмата влијаат врз наставните програми - пишува во анализата.
Во анализата се наведуваат и проблеми со кои се соочуваат сите земји од Западен Балкан, како фактот дека училиштата не биле подготвени за соочување со кризата поради ковид-19. Како проблеми се наведуваат и неатрактивноста на професијата наставник и несоодветни образовни материјали или физичка инфраструктура. За време на пандемијата, главниот проблем во овие земји била неспособноста на училиштата и недостигот на соодветна опрема за дигитално учење.
Конечно, постои проблем со недоволен број на психолози и социолози кои им помагаат на учениците, стои во анализата.
Извор:
Broken Chalk