X
 06.02.2020 Живот

Венецуелската престолнина цвета. Дали ова е крајот на револуцијата?

Американските санкции, чија намера беше да се отстрани апсолутистичкиот претседател, само предизвикаа промени кои ги смирија тензиите и го подобрија животот - за некои. Другите гледаат само земја со поголема нееднаквост која се оттргнала од нејзината револуција инспирирана од социјализмот.

Клатејќи се на музиката на диџејот и пиејќи коктели на отворената тераса во планински бар, тинејџерите од приватно училиште облечени во обувки „прада“ и со чанти „шанел“ од високо ги гледаат гетоата на главниот град на Венецуела, Каракас.


Фото: Њујорк тајмс

Во посиромашните периферии од градот жителите продолжуваат да се борат со недостигот на вода и храна. А во околината понатаму Венецуела се распаѓа и на луѓето им недостигаат и најосновните работи, како електрична енергија и полиција.

Но, побогатите области што се појавуваат низ престолнината беа погодени од економски бум во последните месеци.

Трговските центри, кои пред шест месеци беа запустени, сега се заживеани, а низ улиците има џипови. Нови ресторани и барови се појавуваат секоја недела во побогатите делови од градот, а масите таму се полни со странски бизнисмени, дотерани мештани и владини инсајдери.

- На луѓето им е смачено од преживување, сакаат да трошат, сакаат да живеат - вели Раул Анзола, менаџер на барот во кој се одржува забавата.

Речиси преку ноќ лидерот на земјата, Николас Мадуро, го направи возможно тоа - за некои.

Откако економијата на земјата со години излегуваше од колосек поради лошиот менаџмет и корупцијата, а потоа беше доведена до раб на колапс поради американските санкции, Мадуро беше принуден да ги олабави економските ограничувања што некогаш ја дефинираа неговата социјалистичка влада и обезбедија основа за неговата политичка законитост.

Фото: Њујорк тајмс

Промените помогнаа во трансформацијата на Венецуела на начини кои неколкумина во Вашингтон и во Каракас ги замислија, но кои потсетуваат на тоа како сојузниците Куба и Никарагва ги олабавија комунистичките политики и дозволија некои приватни инвестиции кога се соочуваа со економски колапс во текот на изминатите децении.

По години минати во национализација на бизниси, утврдување на стапката на размена и на цената на основните добра - мерки кои долго придонесуваа за хронични недостатоци - Мадуро изгледа се помирил со приватниот сектор и дозволил да се олабави.

Сега секаде се прифаќаат долари и покрај честото осудување на Мадуро на САД, за кои тој вели дека се коренот на сите проблеми на Венецуела. Валутата на земјата, боливарот, кој стана безвреден поради хиперинфлацијата, е тешко да се најде.

- Не ми изгледа лош овој процес кој тие го нарекуваат доларизација. Фала Богу што постои - истакна Мадуро во телевизиско интервју во декември, мислејќи на слободната циркулација на доларот.

Полните рафтови помогнаа за отстранувањето на тензиите во престолнината, каде што бесот поради недостигот на основните работи во текот на изминатите години помогна во поттикнувањето масовни протести.

Според новата економија, поддржувачите на Мадуро кои се дел од венецуелската елита живеат удобно поради бизнис-договорите и насобраните стабилни валути, кои американските санкции не им дозволија да ги потрошат надвор. Во барот тинејџерите и нивните родители си ставаат шампањско и дискутираат за идни патувања со јахти.

Трансформацијата, исто така, донесе олеснување за милионите Венецуелци што имаат фамилии во странство и сега можат да добиваат и да трошат долари на увезена храна.

Но, бумот исто така има своја цена.

Новата економија на слободен пазар целосно ја исклучува онаа половина од Венецуелците што немаат пристап до долари. Ова ја влоши нееднаквоста и ги ослабна тврдењата на Мадуро за зачувување на наследството на поголема социјална еднаквост оставено од неговиот претходник Хуго Чавез и неговата Боливарска револуција.

Во своите говори Мадуро продолжува да промовира визија за Венецуела во која ресурсите се делат меѓу сите, но јазот меѓу реториката и реалноста е поголем од кога и да е, смета економистот Рамиро Молина.

- Борбата за преживување ја натера владата да стане прагматична, само наративот сè уште е социјалистички - вели тој.

Фото: Њујорк тајмс

Дури и некои членови на владејачката партија за промените направени од страна на Мадуро рекоа дека се предавство на движењето на Чавез.

- Ова е брутален капитализам кој брише години борба - истакна Елиас Хауа, поранешен потпретседател на Чавез.

Производството на нафта, најголемиот извор на приходи на земјата, се стабилизира, откако падна на најниско ниво од 40-тите години бидејќи Мадуро прифати приватни инвестиции.

Но, наместо да продолжат со големото јавно трошење што ја обележа ерата на Чавез, имаше големи скратувања во социјалните програми. Трошењето на венецуелската влада, според консултантското биро „Екоаналитика“, минатата година опаднало за 25 отсто.

За повеќето Венецуелци, реформите на Мадуро донесоа само маргинално олеснување од економското уништување од последните години, пишува „Њујорк тајмс“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот