Архитект со огромна страст за најпознатите коцки во светот сака да го овековечи дизајнерскиот бисер на Југославија, а вашиот глас може да му помогне во тоа.
Киоскот К67 е препознаен како еден од симболите на индустрискиот дизајн во социјалистичка Југославија, а создаден е во 1966 година од словенечкиот архитект и дизајнер Саша Јанез Мехтиг. Дизајнот на киоскот се заснова на модули зајакнати со полифибер, кои можат да се користат како поединечни единици или да се комбинираат во поголеми агломерации, со можност за вршење многу различни функции.
Патентиран во 1967 година, па оттука доаѓа и неговото име, K67 се појавуваше во различни комбинации на бои, при што најзастапена е црвената - затоа и го има популарното име „црвен киоск“, додека модуларниот дизајн на единиците му дозволуваше да се вклопи на речиси секоја локација.
Откако фабриката „Имград“ во Словенија почна со сериско производство во 1968 година, култниот киоск можеше да се види речиси во секој агол на поранешна Југославија, но со нејзиното распаѓање полека исчезна од улиците.
Сега архитектот Никола Опачиќ од Белград сака овој мал дизајнерски бисер од времето на СФРЈ повторно да стане актуелен, но не на регионално, туку на светско ниво, започнувајќи ја иницијативата која ќе подразбира познатата компанија „Лего“ да направи сопствена верзија на киоскот K67.
Страст за коцки и емоции за Југославија
Имено, најпознатите коцки во светот се голема страст на Опачиќ и, како што истакнал тој, одвреме-навреме ги има на списокот со основни предмети за домаќинството на неговото семејство, а денес тој поседува стотици парчиња од различни комплети.
- Во тој куп една вечер ги барав оние парчиња од кои би можел да ја составам мојата верзија на киоск К67. Тоа не беше едноставно редење коцки. При неговото создавање таа вечер се споија две многу важни чувства за мене - страста за лего која трае онолку долго колку што се сеќавам и длабоките емоции што ги чувствувам за Југославија, каде што сум роден - рекол архитектот.
Тој посочил дека киоскот К67 станал симбол на безграничната креативност на југословенската архитектура, дизајн и индустриско производство, но и сведоштво дека наједноставните работи можат да раѓаат приказни за цел живот.
- Дизајниран е од Саша Јанез Мехтиг кога имал само дваесет и пет години, веројатно несвесен дека ќе создаде ремек-дело и симбол на заедницата и припадноста. Фабриката што ги произведувала киосците не му плаќала хонорари, па тој никогаш не се збогатил од својата идеја - изјавил Опачиќ и додал:
- Сакам да верувам дека барем неговото срце беше полно кога Музејот на модерна уметност (MoMA) во Њујорк го вклучи неговиот црвен прототип на киоск на изложбата. Она што го знам со сигурност е дека му се допадна мојата идеја за изградба на неговиот киоск со лего. Благодарение на интернетот, до него стигна веста за иницијативата, а вечерта помината на подот во дневната соба и создавањето на црвената минијатура добија малку повеќе значење. Се разбира, тогаш не размислував за тоа.
На прашањето зошто киоскот К67 е направен од лего-коцки, архитектот вели дека одговорот е всушност едноставен.
-Двете работи се создадени во средината на минатиот век, и двете се модуларни, едноставни, а со тоа и издржливи и вредни поради многу причини и на многу начини. Кога некој ќе каже „црвена коцка“, веројатно првото нешто што ви паѓа на памет е лего и киоск - вели тој.
Можете да гласате за иницијативата на официјалната платформа
ЛЕГО ИДЕИ. Пред тоа треба да креирате бесплатна сметка, која ќе ви одземе една минута.
Извор: Gradnja.rs
Фото: Lego ideas