Силите на физиката играат важна улога во нашето секојдневие - од лепење магнет на фрижидер до фрлање топка во кош. Физиката познава четири природни сили, а тоа се гравитација, електромагнетна сила, слаба и силна интеракција. Но научниците сега тврдат дека откриле показател на петта, досега непозната природна сила. Овие резултати доаѓаат од лабораторија во близина на Чикаго, пренесува Би-би-си.
Силите се резултат на меѓусебна интеракција на честичките. Силата на гравитацијата, на пример, ги привлекува предметите на подот.
Научниците велат дека новите истражувања се доказ за постоење нова природна сила, но според истражувачите што работеле на експериментот наречен „Мион г-2“, шансите дека се работи за статистичка грешка се 1 на 40.000, а за да бидат сигурни дека не станува збор за случајност, тие треба да бидат барем 1 на 50.000.
Британскиот професор Марк Ланкастер, водич на експериментот, изјавил за Би-би-си дека било откриено дека интеракцијата помеѓу еден вид честички што се нарекуваат миони не е во согласност со стандардниот модел, односно општоприфатената теорија за тоа како се однесуваат честичките во универзумот.
- Ова е многу возбудливо откритие затоа што постои можност да се укаже на нови закони на физиката, честичките и сила за која науката досега не знаела - изјавил истражувачот од Универзитетот во Манчестер.
Фото: Pixabay
Експериментот се спроведувал во лабораторијата „Фермилаб“, која се наоѓа во американската сојузна држава Илиноис, а научниците го проучувале однесувањето на честичките што се нарекуваат миони. Мионот е сличен на електронот, но околу 200 пати потежок.
Во експериментот, честичките се испраќаат на прстен со пречник од 14 метри, а потоа се вклучува магнетно поле. Според познатите закони на физиката, научниците очекувале мионите да треперат на одреден временски терминал, но тие трепереле побргу од очекуваното, а можна причина за тоа е постоењето на петта сила за која досега не се знаело.
Сè уште не се знае што би можела да прави новата потенцијална сила, освен што можеби влијае врз мионите. Теоретските физичари веруваат и дека таа би можела да биде поврзана со неоткриена субатомска честичка, за која се прават повеќе експерименти, меѓу кои и оној во ЦЕРН, иако постојат повеќе од еден концепт за оваа можна честичка.
Физичарите што работат на Големиот хадронски судирач во ЦЕРН минатиот месец објавиле резултати кои би можеле да укажуваат на нова честичка или сила, но потребни се дополнителни податоци и мерења за да се потврди теоријата.
Петтата сила би можела да им помогне на научниците да решат некои од најголемите загатки во вселената, како забрзувањето на ширењето на универзумот.
Автор: Палаб Гош
Извор:
bbc.com