Образованието ни е на крстопат. Пандемијата на вирусот Ковид-19 го промени вообичаениот тек на настаните врзани со и околу образовните процеси, не само кај нас, туку и во светот. Колку и да се обидуваме да ја задржиме нормалноста во секојдневните активности, тоа ќе биде невозможно.
Ако претпоставиме дека пандемијата ќе трае една година (во најлош случај), тоа подразбира период во кој дел од образовниот кадар ќе размислува, но и ќе дејствува поинаку. Не затоа што тоа некој од него ќе го бара, туку затоа што нема друг избор. Или ќе седиме и чекаме науката да му го пресече патот на вирусот или ќе изнаоѓаме други патишта за да ја извршуваме работата на која сме се посветиле. Некој не ќе може лесно да се приспособи на настава од далечина, некој нема ни да се обиде да го стори тоа. Некој ќе се обидува постојано, завршувајќи ги исцрпен сеансите, кои ни оддалеку не наликуваат на предавања и вежби, сè додека не се отвори нова врата со можности. За некого, пак, онлајн-наставата ќе биде неизбежно надградување!
Ќе споделам видување за состојбата, низ призма на мојата професија. Како професор на Факултетот за драмски уметности, по предметот актерска игра пред камера можам да се пронајдам во последната група, бидејќи работата ми е врзана со камера! Иако сум од постарите генерации, не сум од оние што лесно се предаваат, откажуваат и креваат раце. Првиот контакт со настава од далечина за мене не беше ново искуство. Часовите на овој предмет одамна се изведуваат преку алтернативни патишта, со оглед на немањето основни услови за настава. За снимање вежби користиме телефони, а ги споделуваме преку „Ви трансфер“, „Јутјуб“, „Гугл драјв“, „Месинџер“. Мојата активност на социјалните мрежи и виртуелните пријателства со студентите ми овозможуваат 24/7 следење на нивната работа преку овие алатки, кои тие подобро од мене ги владеат. Разменувањето пораки, видеа, вежби, инструкции, коментари преку интернет, за нас се важен дел од наставата!
Синоличка Трпкова
Пандемијата само дава можност да размислуваме како и тоа што сме го работеле во живо конечно да го преселиме во виртуелниот свет. Кратко речено - таа ме поттурна да размислуваме за надградба на образовниот процес.
Секако, зборувам само за еден предмет, кој и нема особено значење во целокупната универзитетска настава или со другите факултети. Предмет кој и сам за себе може да функционира во иднина, уште подобро и покорисно - кој сака ќе го запише, добивајќи притоа можност за целосна индивидуална онлајн-настава по актерска игра пред камера: со предавања, со индивидуален пристап во работата, со модерни, актуелни, современи примери и програма. Запишаните студенти би добиле во тој пакет и настава за изработка на свое, лично дело – краток филм, презентација, видеоклип, зашто соработникот, односно асистентот на овој предмет по професија е дипломиран монтажер со богато актерско искуство.
Нашата заедничка, долгогодишна соработка сега ни отвора и иднина во која би можеле да го споиме она што и во услови без пандемија одлично би функционирало и би дало интересни резултати. Во текот на една година исклучиво онлајн-студирање би можеле да извадиме повеќе профилирани кадри. Хипотетички, тоа би значело дека тие ќе имаат повеќе знаења и можности отколку драмските актери зашто ќе го изучат визуелниот медиум од повеќе аспекти и нема да бидат само во чекалницата за аудиции, туку ќе можат и сами да преземаат иницијатива и да творат.
Во светот стана потреба актерот да биде и автор на свои дела. Младите генерации природно се стремат кон совладување на сите аспекти од филмската уметност и отворање нови форми и начини на изразување. Технологијата сè повеќе го овозможува тоа! Новото време нема да биде лесно и ќе бара поинаков пристап, знаење и ангажман од човекот.
Ова, за жал, би значело помал број студенти, но затоа би придонело за подобрување на знаењата, вештините и конкурентноста. Ваквото реобмислување и обединување на наставните предмети и програми (онаму каде што е возможно и изводливо) би можело да се одрази позитивно врз интересот, ритамот и динамиката на студиите, а новите профили кадри би биле многу подобро подготвени за послепандемските предизвици. По овој пример би можел да опстои и еден поинаков филмски оддел, каде што запишаните студенти би следеле заедничка настава. Во процесот од три години заедно ќе ги учат сите аспекти на филмската уметност и ќе имаат можност да бидат во улоги и на режисери, камермани, монтажери, актери. Ваквиот темелен и широкоопфатен пристап кон првиот степен на образование е особено важен за стекнување чувство за одговорност, тим, соработка и почит кон другите професии, но и заради претстојните предизвици и промени во новото време.
Така и приемните испити би добиле повисоки критериуми, основните студии поголема тежина, а вториот и третиот циклус студии - смисла. Да не заборавиме дека следниот удар ќе биде економска рецесија и дека многу од професиите, а особено од позициите во Академијата, ќе бидат сериозно доведени во прашање!
Ова е само хипотетичко, „постпандемско“ размислување за состојбата во високото образование и чувствувам обврска да го споделам со јавноста. Секако дека и без каков и да е напис промените ќе нè навјасаат. Но, тие ќе бидат предизвик само за оние што не се плашат да го напуштат познатото копно, зашто имаат солидни бродови и нови копна за освојување. Тука мислам, пред сè, на помладите генерации професори, асистенти и доценти! Оние, пак, што ќе „пловат“ врзани за брегот (што од старост, што од инертност), тешко ќе запловат во нови води. А дали ќе можат да им понудат иднина на студентите, ќе знаеме кога пандемијата ќе заврши и кога ќе ја почувствуваме штетата од децениските пандемии на непотизам, личен интерес и корупција во академските кругови.
Идеалното „филмско“ сценарио би било – препуштање на кормилото на младите, квалитетни и вредни кадри, со соодветни вештини, применливи во новите времиња. Тоа никако не значи дека постарите ќе мора да заминат. Туку напротив, ќе им бидат ветер во грб на своите следбеници и ќе прават сè за да им го остават најдоброто од себе во наследство! Та зарем не беше тоа и првичната смисла на образованието?
Автор: Синоличка Трпкова, професорка на Факултетот за драмски уметности