По повод Светскиот ден на уметноста (15 април), денеска на неколку локации низ градот ќе се одржат различни активности во кои ќе бидат вклучени студентите од Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за драмски уметности.
Europe House Скопје го одбележува Светскиот ден на уметноста заедно со студентите од ФЛУ и ФДУ со целодневен настан во Сули ан. Таму ќе бидат изложени 40 дела на студентите од ФЛУ, а ќе има и проекции на студентски филмови од ФДУ, перформанси, разговори за уметноста и културата и музика. Настанот се отвора во 14 часот.
Изложба ќе има и во дворот на Министерството за култура. Изложбата „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, која ќе се отвори во 13:30 часот, се организира по шести пат, при што ќе се претстават осуммина домашни автори.