Кралицата Елизабета Втора и кралот Чарлс добиле над една милијарда евра приход од два имоти за кои постои вековна дебата дали тој профит треба да ѝ се даде на јавноста наместо на кралското семејство.
Истрагата направена од британскиот „Гардијан“ ја утврди целата скала на приходи што ги зема кралското семејство од војводствата Ланкастер и Корнвол, кои имаат огромни земјишта и имот низ Англија.
Војводствата работат како професионално управувани империи за недвижности, кои управуваат со делови од обработливо земјиште, хотели, средновековни замоци, канцеларии, продавници и некои од врвните луксузни недвижности во Лондон. Тие, исто така, имаат значителни инвестициски портфолија, но не плаќаат корпорациски данок или данок на капитална добивка.
Сметките на војводствата, кои се чуваат во парламентарните и државните архиви, откриваат како кралицата и нејзиниот првороден син, во својство на војвода од Корнвол, имале корист од огромниот пораст на нивните приходи од војводствата за време на нејзиното седумдецениско владеење.
Минатата година нивниот приход од војводството изнесуваше 46 милиони евра. Приспособувајќи се за инфлацијата, семејството добило 1,3 милијарди евра вкупни приходи од двата имота.
Добивката од војводството Ланкастер, кое се состои од 18.481 хектари рурално земјиште, на северот на Англија и Мидлендс, автоматски преминува на оној што седнува на тронот. Самиот имот е проценет на 744 милиони евра.
Војводството Корнвол, кое опфаќа 52.450 хектари во југозападниот дел на Англија, вреди повеќе од 1,2 милијарди евра. Профитот од овој имот автоматски оди кај машкиот наследник на тронот.
Кога Чарлс стана крал минатата година, војводството Корнвол автоматски премина на неговиот син, принцот Вилијам, со што на хартија принцот стана милијардер и еден од најголемите земјопоседници во Англија. Тој може да очекува годишна исплата од најмалку 22 милиони евра.
Фото: The Guardian
Приходите на кралското семејство од војводствата произлегуваат од архаичните повелби кои датираат од времето кога земјата била поделена на средновековни феуди. Сепак, од доаѓањето на парламентарната демократија, генерации пратеници го оспорија ова и побараа профитот на војводството да се исплаќа во Министерството за финансии.
Но, кралското семејство инсистира дека нивниот приход од војводството е „приватен“ и Владата го третира како целосно одвоен од суверениот грант, годишната исплата што кралското семејство ја добива од Владата за да ги покрие официјалните трошоци. И тоа драматично се зголеми во последно време и го чини даночниот обврзник 96 милиони евра годишно.
Бакингемската палата одби да ги коментира бројките на „Гардијан“ за приходите добиени од војводствата, кои ги опиша како „шпекулативни“.
Палатата долго време се правда дека приходите добиени од двете војводства во голема мера се трошат за службени должности на семејството, јавна работа или добротворни цели. Сепак, кралското семејство никогаш не дало детален извештај за тоа како се трошат парите од имотите, опишувајќи ги како „приватни финансиски аранжмани“. Чарлс објави дека 49 до 51 отсто од неговиот приход од војводството биле потрошени за покривање јавни и добротворни функции во последниве години.
Но, беше објавено дека кралицата Елизабета го користела приходот од војводството Ланкастер за да му помогне на принцот Ендру да плати повеќе од 10 милиони евра за да му стави крај на случајот за сексуален напад што Вирџинија Џиуфре го поднесе против него.
Маргарет Хоџ, пратеничка од лабуристите која ја водеше истрагата за војводството Корнвал во 2013 година, рече дека Парламентот не можел да утврди како се трошеле приходите на војводството.
- Беше многу нејасно и има сосема мала транспарентност - изјави таа неодамна, опишувајќи го статусот на војводствата како намерна двосмисленост.
- Во ред е ако парите од војводствата се дел од државниот придонес за монархијата, но треба да имаме можност да видиме како се трошат и да го разгледаме финансирањето на кралското семејство - додаде таа.
Од фарми до богатства
Даночните ослободувања на војводствата им помогнаа да се трансформираат во профитабилни бизниси кои напредувале во ерата на брзорастечките цени на имотот.
Војводството Ланкастер има рурално земјиште во пет окрузи во Северна Англија, вклучувајќи и села и фарми. Особено вреди имотот на Савој, низа висококвалитетни имоти изнајмени како продавници и канцеларии на комерцијални фирми.
Годишните извештаи за војводствата даваат впечаток дека се управува со селски имоти. Но, нивните портфолија се проширија на комерцијални инвестиции во урбани недвижности.
Портфолиото на војводството Ланкастер вклучува магацини и индустриски имоти на места како Бесингстоук, Свиндон и Редич. Сер Пол Кларк, кој бил главен извршен директор на војводството Ланкастер помеѓу 2000 и 2013 година, за „Гардијан“ изјави дека имотот има долгорочна инвестициска стратегија за да се оддалечи од портфолиото кое од историски причини било искривено кон помалку профитабилно рурално земјиште.
Војводството Корнвол претрпело слична транзиција. Тоа поседува обработливи и сточарски фарми и домови, како и голем дел од Дартмур, вклучувајќи ги затворот и средновековни замоци, тврдини и луксузни викендички за одмор на островите Сцили.
Но, поседува и делови од урбано земјиште, како што е овалниот терен за крикет и станови во Кенингтон, јужен Лондон и хотелот „Краун плаза“ во Рединг.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik