Најважна одлика на луѓето кои секогаш го добиваат она што го сакаат е тоа што знаат како да влијаат врз другите. Ова се главните навики на овие лица:
1. Поставуваат прецизни и недвосмислени прашања
Луѓето кои секогаш го добиваат она што го сакаат знаат како да го изразат своето посакување. Тие во секој момент се свесни дека другите лица не можат да им ги читаат мислите или да претпоставуваат што тие всушност сакаат. Затоа секогаш јасно и гласно ги изразуваат сопствените потреби и желби. За тоа неопходна е самодоверба, но исто така колку почесто се практикува овој принцип, оваа навика станува природна.
Затоа, пред некој деловен состанок или средба од кој било вид, се препорачува претходно да ги составите или да ги запишете прашањата за да бидете подготвени и многу одредени. На јасно поставени прашања, многу е поголема веројатноста дека ќе добиете и одговор кој ќе ви помогне при настојувањата да го добиете она што го посакувате.
2. Внимателно ги бираат зборовите
Доколку не се внимава на сопствениот избор на зборови, понекогаш е можно и без намера да го навредиме соговорникот. Вербалната и невербалната комуникација се многу важни при секој разговор, особено кога очекувате одобрување и согласност за вашите тези или предлози.
Едноставен и ефикасен начин за постигнување на ова е заменката „ти“ да ја претворите во „јас“ или уште подобро, во „ние“. На пример, наместо: „Треба да го одработиш твојот дел од работата“, обидете се да кажете – „Би требало да го промениме распоредот за извршување на работите“. Првата реченица лицето може да ја доживее како напад, а втората нуди решение околу кое е лесно да се постигне согласност.
Дополнително, подобро е да ја опишувате ситуацијата наместо да ја проценувате и да барате виновници. Наместо: „Не си се потрудил доволно и затоа нема да успееме да ја завршиме работата во дадениот рок“, добро би било да кажете: „Рокот за работата е утре, се чини дека доцниме и сметам дека треба да ги поделиме обврските за да завршиме навреме“.
3. Активно ги слушаат другите
Сите слушаме, но не слушаме сите активно. Студијата од Универзитетот во Минесота откри дека во периодот од осум часа, забораваме една третина од она што сме го чуле. По два месеци, забораваме 75 проценти од тие информации.
Луѓето често мислат дека слушаат, а всушност само го чекаат својот ред да кажат нешто. И во таква ситуација, може да ви „избега“ некоја важна информација која би можела да ви користи за унапредување на сопствените идеи.
Активното слушање наликува на медитација – треба да ги смирите сопствените мисли и да се концентрирате на она што го зборува другиот. А како се постигнува тоа во денешниот свет кој изобилува со многу дразби кои ја попречуваат концентрацијата? Прво, исклучете го мобилниот за да не ве прекинуваат нотификациите од него. Второ, концентрирајте се на лицето на соговорникот, за да не почнете да „шарате“ со погледот затоа што постои опасност вниманието да ви се пренасочи кон друга цел.
Исто така, одвреме-навреме, обидете се да направите рекапитулација на перспективата на соговорникот, за да бидете сигурни дека сте ги разбрале неговите поенти.
4. Бараат помош
Луѓето многу често избегнуваат да побараат помош од друг. Но, експертите за комуникација истакнуват дека барањето помош не значи ништо лошо, глупаво или некомпетентно, туку напротив, може да ви помогне да го добиете она што го сакате.
Барањето помош не ве прави слабак, туку ве прави човек. А би можеле и да се изненадите колку луѓе би биле подготвени да помогнат – затоа, сè што треба да направете е да побарате помош.
5. Односите со другите луѓе им се приоритет
Можете да бидете најпаметната, најтрудољубивата личност, но доколку работите сами во некој агол и не се трудите да ги запознаете колегите, па дури ни познатите и роднините, во моментот кога ќе посакате да протуркате некоја своја идеја, би можеле да се соочите со вистински проблем.
Факт е дека повеќе им веруваме на луѓето кои ги познаваме подобро и затоа се поголеми шансите да се одбијат идеите на лицата кои недоволно ги познаваме, без оглед на квалитетот на идејата.
Доколку по природа сте резервирани и тешко се приспособувате на други луѓе, наједноставен начин да се вклопите е да почнете да поставувате прашања. Покажете интерес за луѓето околу вас, почнувајќи со наједноставните прашања од животот.
Луѓето секогаш се привлечени од најсреќната личност во просторијата, а тоа обично е онаа која е интересна и покажува интерес за другите околу себе.