X
 18.05.2017 Наука

Психолозите го знаат патот до среќата

Не можете да знаете колку нешто ќе ве направи среќни или тажни во иднина, иако сега мислите дека знаете. Психолозите знаат дека повеќето луѓе ја немаат способноста за да предвидат како би реагирале на позитивни или негативни настани во иднина.

Луѓето ќе предвидат дека ќе бидат среќни заради унапредување или зголемена плата, пронаоѓање на партнер или пак, остварување на некој сон, но тоа предвидување може да не се совпаѓа со чувството кога некои од овие работи навистина ќе се случат. Тоа доведува до разочарување, бидејќи работите ретко излегуваат токму онака како што луѓето ги замислиле.

Истото се случува и со негативните предвидувања за такви настани како губење на работното место, природна катастрофа или губење на сакана личност. Луѓето замислуваат дека во тие моменти ќе бидат бескрајно несреќни, но и тоа предвидување не се совпаѓа со моменталното чувство.

Психолозите сметаат дека за повеќемина постои одредена точка на среќа, која е индивидуална и не зависи во толкава мера од позитивните и негативните настани во животот. Експертите истакнуваат дека среќата е најверојатно да се пронајде во одредени моменти, односно во моментите кои се доживуваат во сегашноста, отколку во идните планови за среќа, цели или соништа. Дури и кога се замислува некоја несреќа, човекот и тогаш чувствува негативни емоции, понекогаш и понегативни од оние кои би ги чувствувал кога замислената несреќа вистински би се случила.

Човечкиот мозок е универзум и може да креира пекол или рај. Психолозите сепак, можат да им помогнат на луѓето и да ги насочат во користење на своето размислување во сегашноста и ценење на сегашните моменти, а помало обрнување внимание на предвидувањата за иднината.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука