X
 30.03.2018 Образование

Каде се учениците од основното образование?


Основното образование во Република Македонија согласно Законот за основно образование е задолжително. Како се одвивало ова образование од аспект на број на ученици, број на училишта, број на паралелки, број на наставници, ученици по пол и возраст, ученици по одделенија, ученици по успех, јазик на кој се води наставата, како и многу други податоци и тоа како на ниво на република така и на ниво на региони и општини се следи многу одамна.
Секако дека многу битно за основното образование е и тоа каква е демографската состојба во земјата на сите територијални нивоа, а посебно на ниво на населено место. Во овој контекст ќе прашаме зашто? Затоа што битното е дали во населените места има население, каква е возраста на истото, а посебно какви и колку витални случаи (живородени деца и склучени бракови) има, посебно велам во населените места.
За да се добие детална слика за состојбите во основното образование, Државниот завод за статистика преку својата петгодишна програма води истражувања за состојбите на почетокот и крајот на учебната година. Од овие две истражувања со добиваат голем број податоци. Истите добро е да се анализираат од многу аспекти за да се знае како и што да се планира за иднина. Со години наназад познато е дека бројот на ученици скоро секоја учебна година се намалува како на почетокот така и на крајот на учебната година.




За наведеното да се сфати и да се поверува во истото, како и за други состојби се последните објавени податоци кои се однесуваат за почетокот и крајот на учебната 2016/2017 година. Веднаш да напоменам дека со години наназад или во една декада постојано се говореше колку училишта или дека стотина се изградени за една декада. Со последните податоци од крајот на учебната 2016/2017 година во однос на почетокот на истата учебна година, бројот на основните училишта е намален за 2, бројот на наставници е зголемен за 48, а паралелките се намалени за 597. Секако прикажаните податоци заслужуваат внимание и длабински анализи бидејќи истите даваат малку нелогична состојба. Меѓутоа, карактеристична е појавата со бројот на ученици.

На почетокот на учебната 2016/2017 година имаше зголемување на бројот на ученици за 6.723 во однос на претходната година, но на крајот на учебната година според официјалните објавени податоци неодамна, бројот на учениците е намален за 2.490. Секако дека овој податок заслужува внимание, како може толку ученици да се помалку?
Од тие причини се поставува прашањето што се случило со истите, за што најдобар одговор треба да дадат надлежните институции. Тоа значи и се поставува прашањето каде се учениците?

Со доаѓањето на оваа Влада надлежното министерство за образование и наука започна и води доста активности во сферата на образованието, за што и натаму презема активности и прави реформи и ќе прави реформи во иднина. Но, секако е многу важно да се направи една и длабинска анализа на состојбите во основното образование од сите аспекти, а посебно за бројот на учениците, училиштата, условите, програмите, учебниците, содржините, бројот на наставниците, бројот на паралелки, ученици по одделенија, почитување на законот и законите итн.

М-р Дончо Герасимовски, демограф, аналитичар

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование