Вакви поставки има во сите поголеми градови во Европа. Во Скопје досега немаше, а градот заслужува, вели Кирил Савовски, основач на „Илузиум“
Дали верувате во сѐ што ќе видите? Дека вечерата е послужена, а среде чинијата е вашата глава? Или влегувате во соба со огледала и се гледате себеси низ 100 прикази. Или влегувате во лифт, а тој нема дно...
„Илузиум“ е новиот музејски простор кој од денеска ќе работи во центарот на Скопје. Со поставка од околу 500 квадратни метри, сместен на три ката, „Илузиум“ ќе биде отворен близу плоштадот „Македонија“, во зградата каде што порано се наоѓаше култниот бутик „Грација“.
Местото треба да понуди еден поинаков свет каде што фантазијата е реалност, илузијата – вистина. Замислен е, пред сѐ, како простор каде што и децата и возрасните ќе можат да се забавуваат.
Според Кирил Савовски, основач на „Илузиум“, кога посетителите ќе ги видат изложените предмети, ќе сфатат дека не е научна фантастика, туку само добра идеја и паметно спакувана приказна.
- Вакви поставки има во сите поголеми градови во Европа. Во Скопје досега немаше, а градот заслужува. Се отворија нови музеи, но сите имаат класични поставки. Во „Илузиум“ нема скапи експонати и уметнички дела. Но, сите се исклучително забавни. А публиката е иста секаде во светот, и во Њујорк, и во Барселона, и во Виена. Зошто и Скопје да нема ваков простор, особено со толкав број на туристи во последниве години – вели Савовски.
На првиот кат ќе бидат сместени кафуле и сувенирница. Тогаш почнува авантурата, влегувате во светот на илузијата. Постои, тука е на дофат, а не е вистина. На првиот кат ќе ве пречека маса со сервирано јадење. На чинијата има дупка и простор под масата каде што можете да се протнете и да ја ставите главата во чинијата. И да се фотографирате.
Низ целата поставка ќе има стапалки по кои треба да се движите и место означено со фотоапарат, од каде што можете да фотографирате. Секој дел од поставката ќе биде објаснет со легенда и „упатство за употреба“, на македонски и на англиски јазик.
- Илузијата е успешна само ако се гледа од еден агол. Затоа сѐ е означено. Ќе има двајца водичи што ќе им помагаат на посетителите да се снајдат – објаснува Савовски.
Музејот ќе биде отворен секој ден од 8 до 20 часот и е наменет за сите - за деца, семејства, пријатели, тим-билдинзи, семејни собирања. Покрај многуте постери со илузионистички (оптички) елементи, ќе има и посебни амбиентални делови – лилипут рум каде што сѐ е со намалени димензии, опозит рум – просторија во која подот е всушност на таванот, мирор рум – соба полна со огледала.