НАСА ќе испрати „Атомски часовник за длабоката вселена“ во вселената. Овој уред ќе им помогне на вселенските летала да откријат каде се, слично на космички џи-пи-ес систем.
На 22 јуни НАСА ќе го лансира овој уред во вселената на ракетата „Спејс екс хеви фалкон“ од вселенскиот центар Кенеди. Уредот е со големина на тостер, а на вселенските летала и сателити ќе им служи како вселенски навигатор. Уредот мери колку време е потребно за сигналот да се движи од една до друга точка, а преку тие информации вселенското летало може да открие каде се наоѓа.
За одредување на положбата на леталата во вселената досега се користел атомски часовник на Земјата. Големите антени на површината на Земјата пренесуваат сигнали до леталото кое ги прима овие сигнали и ги враќа назад. Атомскиот часовник го мери потребното време и ја одредува позицијата на леталото, а навигаторите во вселенските центри потоа го насочуваат леталото во вистинската насока.
Фото: NASA
Но, колку леталата се подалеку од Земјата, толку е поголемо доцнењето на сигналот, а тоа претставува проблем за управувањето со вселенски летала.
„Атомскиот часовник за длабоката вселена“ би го скратил овој процес. Идејата е секое летало во иднина да биде опремено со ваков часовник што би примал сигнали од Земјата, но не би ги испраќал назад, туку со помош на навигациски систем леталото би ја откривало својата позиција.
Часовникот ќе помине цела година на орбитата на Земјата пред да се испрати во длабоката вселена.
- Часовник што доцни дури и една секунда може да значи разлика меѓу слетувањето на Марс и пропуштањето на слетувањето со километри. Во теренски испитувања, овој часовник се покажа дека е 50 пати постабилен од
атомските часовници на џи-пи-ес сателитите. Ако мисијата може да ја докаже оваа стабилност во вселената, тој ќе биде еден од најпрецизните часовници во универзумот - пишува во извештајот на НАСА.