X
 07.05.2019 Наука

На депресивните луѓе им помага слушањето тажна музика

Луѓето што се во депресија слушаат тажна музика бидејќи поради тоа се чувствуваат подобро, открива едно од првите истражувања посветени на луѓето што се насочуваат на сентименталностите во ситуации кога се нерасположени.

Првиот дел од истражувањето се потпира на слично истражување од 2015 година што покажало дека депресивните луѓе преферираат тажна музика. Истражувачите на Универзитетот во Флорида испитале 76 жени од кои на половина им била дијагностицирана депресија. Тие слушале различен вид музика. Тажната музика вклучувала „Аdagio for Strings“ од Самуел Барбер, која низ светот се смета за екстремно депресивна композиција.

Потоа истражувачите им пуштале на учесниците нови инструментални мелодии, и тажни и среќни, и од нив барале да опишат како се чувствуваат слушајќи ја таа музика. Повторно, депресивните испитаници покажале дека претпочитаат тажна музика бидејќи ги правела посреќни.

- Тие всушност се чувствуваа подобро слушајќи тажна музика. Се чини дека таквите мелодии имаат релаксирачки и смирувачки ефекти врз нив - вели Џонатан Ротенберг, коавторот на истражувањето.

Не постојат многу стручни детали и објаснувања зошто тажната музика позитивно влијае врз депресивните луѓе, но со години наназад во психолошкиот свет неверојатен ефект има музико-терапијата, која на луѓето им помага да се ослободат од душевната болка, во борбата со ракот и со многу психолошки нарушувања.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука