X
 16.09.2020 Наука

Бил Гејтс: Следното големо прашање е како да се дистрибуира вакцината до луѓето што имаат најголема потреба од неа

Бил Гејтс верува дека вакцината за коронавирусот ќе биде достапна до 2021 година. Но, тој е загрижен дека таа нема да биде достапна за групите со пониски примања, особено во помалку развиените земји.

Гејтс изјави дека следното големо прашање за кое размислува неговата фондација е како да ги произведе и дистрибуира вакцините до оние што имаат најголема потреба од нив.

- Лошото распоредување на вакцините би предизвикало драматични дополнителни смртни случаи - вели тој.

Богатите земји, вклучувајќи ги САД, Јапонија и Велика Британија, нарачале над 2 милијарди дози вакцини, што може да ги ограничи резервите за наредната година. Но, во тек се меѓународни напори да се обезбеди дека и посиромашните земји ќе имаат пристап до вакцината, предводени од Светската здравствена организација.

Без вакцина коронавирусот може да им наштети на ранливите популации. Новиот извештај објавен од фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ покажува дека светот веќе е во регресија поради Ковид-19, со пораст на глобалната сиромаштија во многу земји.

Во извештајот се цитира истражување од Североисточниот универзитет кое предвидува дека двојно повеќе луѓе ќе умрат од Ковид-19 ако побогатите земји ги соберат првите 2 милијарди дози вакцини отколку ако се дистрибуираат еднакво. Исто така, извештајот откри дека пандемијата има непропорционално влијание врз жените, расните и етничките малцински групи, како и врз луѓето што живеат во екстремна сиромаштија.

gejts
Фото: Screenshot/CNBC

- Пандемијата ја влоши нееднаквоста во речиси секоја димензија. Посиромашните земји страдаат многу повеќе од побогатите земји поради недостиг на фискални ресурси за да продолжат - вели Гејтс и додава дека многу работници во земјите во развој не можат да работат од дома и се помалку платени.

Од крајот на август повеќе од 170 земји изразиле интерес да се приклучат на КОВАКС, глобална установа за пристап до вакцини за Ковид-19 чија цел е да работи со производители на вакцини за да им обезбеди на земјите правичен пристап до безбедни и ефективни вакцини и да ги заштити најранливите популации, како што се постарите луѓе и здравствените работници - целта е да се испорачаат 2 милијарди одобрени дози на вакцини до крајот на 2021 година.

Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ е основачки партнер и донатор на глобалниот сојуз за вакцини „Гави“, кој ја води иницијативата КОВАКС заедно со СЗО и Коалицијата за иновации за подготвеност за епидемии.

- Една работа што Соединетите Држави сè уште не ја направиле, а се надевам дека ќе ја направат, е да одвојат значителни ресурси за набавка на вакцини и други лекови и дијагностика за пандемијата. Кога би го споиле тоа со нивното финансирање на истражување и развој, би овозможиле вакцините да се направат во многу фабрики - вели Гејтс.

Извор: CNBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука