X
 10.11.2023 Наука

Каков кислород открија научниците во атмосферата на Венера?

Приближно 21 отсто од воздухот на нашата планета е кислород, додека остатокот од атмосферата е претежно исполнет со азот, но за Венера, соседот на Земјата, приказната е сосема поинаква. Во отровната атмосфера на Венера доминира јаглерод диоксид со учество од 96,5 отсто, а азот и други гасови може да се најдат во многу помали количини. Речиси нема кислород.

Всушност, бидејќи Венера привлекува многу помалку внимание отколку другите планети, не е лесно да се открие присуството на овој гас. Користејќи ги инструментите на стратосферската опсерваторија СОФИА, авион беше модифициран за да носи инфрацрвен телескоп како дел од заедничкиот проект меѓу американската вселенска агенција НАСА и германската ДЛР. Со помош на овој проект научниците открија атомски кислород во тенкиот слој на атмосферата на Венера.

Тие истакнаа дека атомскиот кислород - составен од еден атом на кислород - се разликува од молекуларниот кислород што го дишеме, кој е составен од два атома на кислород. Истражувачите првпат открија кислород на сончевата страна на Венера, каде што всушност тој се произведува во атмосферата, а успеаја да го откријат и на спротивната страна.

- Атмосферата на Венера е многу густа. Составот е многу различен од оној на Земјата - вели физичарот Хајнц-Вилхелм Хоберс од ДЛР, главен автор на студијата.

Кислородот се произведува на сончевата страна со помош на сончевото ултравиолетово зрачење, кое ги разложува јаглеродниот диоксид и моноксидот во атмосферата во атоми на кислород и други хемикалии, велат истражувачите. Дел од тој кислород потоа ветровите го носат на спротивната страна на планетата.

Дијаметарот на Венера е приближно 12.000 километри и е малку помал од оној на Земјата.

- Ние сме само на почетокот на разбирањето на еволуцијата на Венера и зошто таа е толку различна од Земјата - вели Хоберс.

Извор: National geographic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука