X
 06.07.2018 Наша тема

Приватните училишта во подем, се плаќа од 1.500 до 5.000 евра за година

Според податоците од Државниот завод за статистика, во последните две години во просек по 3.000 ученици годишно посетувале настава во приватно училиште

Во Македонија има вкупно 20 средни приватни училишта кои се верификувани од страна на Министерството за образование и наука (МОН), како и три приватни средни училишта во кои има експериментална програма за основно образование. Според податоците од Државниот завод за статистика, во последните две години во просек по 3.000 ученици годишно посетувале настава во приватно училиште. За претходните години нема податоци за основно образование, а во приватно школо оделе по околу 2.000 средношколци.

За разлика од пред десетина години, расте и бројот на ученици што своето образование го завршуваат во приватни школи, како и образовните институции што нудат приватно образование.
Цените за една година се движат од 1.500 до 5.000 евра, зависно од училиштето.

Основните школи работат со договори за експериментална програма

Според член 16 од Законот за основно образование, основно училиште може да основа општина или државата (Владата). Тие може да бидат општински или државни. Прашавме во МОН со какви договори функционираат основните приватни училишта во земјава и кој го контролира нивното работење. Оттаму ни одговорија дека согласно член 45 од Уставот не е дозволено основање на приватно основно училиште. Но, сепак, три средни училишта имаат дозвола од МОН за настава по основно образование.


Број на приватни средни и основни училишта и ученици според Државен завод за статистика

- Во Република Македонија има 3 приватни средни училишта, кои имаат согласност од МОН да реализираат експериментална програма за основно образование, согласно член 31-a од Законот за основното образование. Тоа се приватното средно училиште „Јахја Кемал“ - Скопје од 2008 година, Американската гимназија НОВА - Скопје од 2004 година и приватното средно училиште „Woodrow Wilson“ - Општина Брвеница од 2012 година. Контрола над одредбите на законите со кои се регулира дејноста основно и средно образование врши Државниот просветен инспекторат (ДПИ) – велат од МОН.

Членот 31-а од Законот вели: „Во основното училиште може да се реализираат експериментална програма и развојно-истражувачки проект заради унапредување на воспитно-образовниот процес. Експерименталната програма и развојно-истражувачкиот проект од ставот (1) на овој член ги изготвува и/или предлага Бирото, а ги донесува министерот“.



Просветниот инспекторат ги проверува верификуваните училишта

Податоците што ги добивме од МОН, дека во земјава има 20 приватни средни училишта и три кои нудат експериментална програма по основно образование, не се поклопуваат со публикациите на Државниот завод за статистика за бројот на основни и средни училишта во земјава. Во последниот извештај на Статистика пишува дека во учебната 2017/2018 година сме имале 14 средни приватни училишта и 5 приватни основни училишта.
Во оваа година сме имале 1.678 средношколци и 1.135 основци што учеле во приватни училишта.

Од Државниот просветен инспекторат ни одговорија дека тие вршат инспекциски надзор во сите образовни институции верификувани од Министерството за образование и наука.
- Во приватни школи, центри за обука итн., кои не се верификувани од МОН, во зависност од нивната регистрација, инспекциски надзор вршат доколку се регистрирани како приватни фирми, пазарната, трудовата инспекција, Управата за јавни приходи, а Министерството за правда доколку се регистрирани како здруженија на граѓани – велат од ДПИ.

Оттаму потенцираат дека издадените документи од овие школи и центри за обука што не се верификувани од МОН немаат примена во правниот систем на Република Македонија за продолжување на образование или за остварување на правата од работен однос при вработување.

- Приватните средни училишта што се верификувани од Министерството за образование и наука се исто така предмет на инспекциски надзори и во нив се врши и интегрална евалуација согласно годишната програма за работа на Државниот просветен инспекторат, а по добиени поднесоци од страна на засегнати граѓани се врши и вонреден инспекциски надзор. Доколку се констатираат неправилности и таму се преземаат мерки согласно постојната законска регулатива – велат од ДПИ.
Во земјава има и основни училишта што не се верификувани во МОН, но децата добиваат дипломи издадени од министерствата за образование на странските земји, па потоа може да ги нострифицираат во Македонија.

Во продолжение е листата со верификувани приватни средни училишта од страна на Министерството за образование и наука и датумот на кој ја добиле верификацијата:

1. Приватно средно училиште „Јахја Кемал“, Скопје од 25.12.1996 година.

2. Приватно средно училиште „Меѓународни училишта Нова“, Скопје од 18.06.1997 година.

3. Приватно средно училиште „Американско интернационално училиште на Македонија“, Скопје од 15.06.1998 година.

4. Приватно средно музичко училиште „ Оксиа“, Штип од 28.06.2006 година.

5. Приватно средно училиште „Петта приватна гимназија“, Скопје од 12.09.2006 година.

6. Приватно средно училиште „International high School“, Скопје од 12.09.2006 година.

7. Приватно средно училиште за гимназиско образование „Прва приватна гимназија“, Битола од 28.08.2007 година.

8. Приватно средно училиште „ПОИНТ“, Гостивар од 11.09.2007 година.

9. Приватно средно училиште „Средношколска академија за бизнис и администрација – САБА“, Скопје од 11.09.2007 година

10. Приватно средно училиште „Алгоритам“, Скопје од 12.06.2008 година.

11. Приватно средно училиште „Академија Леонтиќ“, Скопје од 20.03.2009 година.

12. Приватно средно училиште „Берлиц јазичен центар“, Скопје од 06.07.2009 година.

13. Приватно средно училиште „Anglo American School“, Скопје од 16.09.2009 година.

14. Приватно средно училиште „Американско училиште Македонија“, Скопје од 29.12.2009 година.

15. Приватно средно училиште„ QSI Интернационално училиште“, Скопје од 25.07.2006 година.

16. Приватно средно училиште„ Скупи“, Скопје од 25.07.2006 година.

17. Приватно средно училиште„ Арди“, Скопје од 27.10.2010 година.

18. Приватно средно училиште„ Woodrow Wilson“, Скопје од 26.03.2012 година.

19. Приватно средно училиште „АМЕРИКАНСКА ГИМНАЗИЈА СКОПЈЕ“, Скопје од 04.04.2017 година.

20. Приватно средно училиште „Св. Лука“, Скопје од 29.03.2018 година.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема