Реакциите на луѓето по пат се позитивни, додека сме во движење нѐ снимаат, ни свират, нѐ поздравуваат кога сме паркирани, се сликаат до „реното“, особено во Москва, затоа што овој автомобил никогаш не бил увезен во Русија како модел оти бил многу скап, велат Николов и Шуклев
Една недела се на пат големите авантуристи Џоко Шуклев од Стојаково и Ѓорѓи Николов од Гевгелија со олдтајмерот „рено 4“, а целта им е да стигнат до Кина. По извозени 3.000 километри, тие се чувствуваат добро, дури велат и дека не се уморни, туку повеќе се возбудени за тоа што ги чека. Со „реното 4“ што лани стигна до Ница, двајцата другари сакаат да ја свртат целата Земјина топка. Нивната мисија почна вечерта на 29 јуни од Стојаково, а доколку сѐ тече според планираното, околу 10 август би требало да се вратат.
Ѓорѓи Николов во Украина
До Кина ги очекуваат уште околу 7.000 километри. Во Москва се одморија неколку дена, а вчера ја напуштија. Николов, кој 15-ина години е професионален возач на камион и добро го познава пределот на Источна Европа, ни изјави дека ќе им треба приближно една недела за да излезат од Руската Федерација и да стигнат до монголската граница.
Една недела за да ја поминат Русија
За Факултети.мк тие раскажаа како си поминуваат. Во Москва биле примени од нашиот конзул Сејфула Шакири.
- Продолжуваме во Казан, Екатеринбург, па Омск, Новосибирск, сѐ до монголската граница. По неколку дена пат, повеќе сме возбудени отколку уморни, затоа што до Москва, барем јас, сум бил 3-4 пати, но по Москва теренот ни е непознат, а според разговори со локалното население, изгледа ќе биде и доста возбудлив и ќе има што да се види. Реакциите на луѓето по пат се позитивни, додека сме во движење нѐ снимаат, ни свират, нѐ поздравуваат кога сме паркирани, се сликаат до „реното“, особено во Москва, затоа што овој автомобил никогаш не бил увезен во Русија како модел затоа што бил многу скап - вели Николов.
Тој додава дека поразговарале со нашиот конзул за многу работи, па дури и за пласман на земјоделските производи од Стојаково и регионот.
- Се насмеаја, но и ни кажаа дека ќе се потрудат да најдат фирми што ќе ги увезуваат – вели Николов.
Од нашата амбасада во Русија ги поканиле на средба. Големите авантуристи објаснуваат дека пред да ја почнат турнејата, ги известиле сите наши амбасади во земјите каде што ќе поминуваат, од каде што добиле покани за средби, по еден ручек и пречек. Така се очекува да биде и кога ќе стигнат во Пекинг, Кина.
Зошто до Кина, беше нашето прашање што природно се наметна. Тие објаснуваат дека нема посебна симболика, само дека сакале да ги тестираат границите на издржливоста, и сопствените и на автомобилот.
- Сакавме да видиме дали во тој автомобил, стар 40 години, има уште живот и колку уште ќе издржи со неремонтиран мотор од 1978 година – вели Шуклев, кој е сопственик на автолимарскиот сервис „Про-кар“ во Стојаково, а специјалност му е поправка на хаварисани возила. Тој повремено реставрира олдтајмери за странски клиенти.
Како изгледа еден ден?
Во текот на возењето на секои два часа застануваме за да се одмориме по половина час, повеќе заради возилото, а и ние по едно кафе да испиеме, велат тие.
Ги прашавме како издржуваат по жештините во автомобил без клима, но со оглед на тоа дека станува збор за луѓе што доаѓаат од најжешкиот дел на Македонија, тоа и не е неподносливо.
- Имаше опција да се стави некое разладување, но сакавме да почувствуваме како некогаш луѓето патувале без тие клими, оти едноставно ги немало, а и олдтајмер е, нели. Додуша во Москва температурата беше од 13 до 15 степени и ни се погоди. „Реното“ се движи со просечна брзина од 70 км на час. Повеќе и не смееме затоа што сме товарени со резервни делови за не дај Боже ситуација, а има и слаба кубикажа и да не го „цркнеме“ - вели Ѓорѓи.
„Реното 4“ во близина на катедралата „Св. Василиј Блажениот“ во Москва
Зад воланот повеќе седи Шуклев, додека Николов е задолжен за навигација затоа што добро ги познава патиштата, барем до Москва.
- Не сме имале никаков проблем со возилото и се надеваме дека нема да го имаме до крајната цел. „Реното“ е заедничко. Кога го купивме беше во очајна состојба, го повративме во живот и имаме план цела Земјина топка да ја свртиме со него. Автомобилот беше во сервисот на мајстор Влатко од Стојаково и на него се работеше интензивно 20 дена – проверки и замена на секој можен дел што беше сомнителен за да не направи некој проблем. Работевме многу, се трудевме околу возилото и не гледам ниту една причина зошто да не успееме. Упорни сме, ќе нѐ биде. Страв не нѐ фаќа, целта мора да биде постигната - се смее Ѓорѓи.
Тие им се многу благодарни на сите членови на „рено 4“ тимот, особено Ангел Арнаудов и Анте Караѓошев, како и на сите поединци и фирми што им помогнаа да ја почнат оваа мисија.
Како се подготвуваше олдтајмерот