Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) денеска соопшти дека милиони се гладни луѓе во Западна Африка и се без помош додека Агенцијата се бори со ограниченото финансирање да одговори на најголемиот глад во регионот во последните децении.
Речиси 6 милиони луѓе на кои им е потребна помош во храна меѓу јуни и август не добиваат никаква помош, се вели во соопштението на Агенцијата.
ОН предупреди дека стотици илјади луѓе се изложени на ризик да се приклучат на вооружени групи, да се венчаат предвреме или да се вклучат во „секс за преживување“ во обид да преживеат.
- Се наоѓаме во трагична ситуација, на милиони семејства ќе им недостигаат резерви на храна за да се прехранат до следната жетва во септември. Мораме да преземеме итни мерки за да спречиме масовно избувнување на катастрофален глад - изјави Маргот Вандервелден, привремен регионален директор на WFP за Западна Африка.
Недостигот на храна во Западна и Централна Африка погодува 47,2 милиони луѓе оваа сезона, а жените и децата се најранлива група.
- Стапките на неухранетост, исто така, се зголемени, па речиси 16,5 милиони деца на возраст под пет години ќе бидат акутно неухранети оваа година, што е зголемување за 83 отсто во однос на просекот од 2015-2022 година - наведува Агенцијата.
Во земјите од централниот дел на Сахел, Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде што џихадистите стануваат сè поагресивни, агенциите на ОН проценуваат дека бројот на луѓе што бегаат од насилството е речиси четирикратен од 30 илјади во јануари на 110 илјади во јуни.
Извор: МИА