Често и најмирните лица стануваат лути кога се гладни. Како што минува времето од последниот оброк, количеството на хранливи супстанции почнува да опаѓа, а потоа следува напад на раздразливост.
Јаглехидратите, протеините и мастите се разградуваат до прости шеќери, аминокиселини и слободни масни киселини. Како што минува времето, количеството на овие хранливи супстанции опаѓа. Кога нивото на глукоза во крвта ќе падне на критично ниво, мозокот тоа го перципира како ситуација опасна за живот.
Мозокот е зависен од глукозата, а кога нејзиното ниво во крвта ќе падне, едноставните работи ќе ви станат тешки. Нема да можете да се концентрирате, ќе правите грешки во банални ситуации или ќе почнете да зборувате неповрзано. Освен тоа, ќе станете нерасположени и раздразливи и сè ќе ви
пречи.
Кога нивото на глукоза во крвта ќе падне на долната граница, мозокот им „наредува“ на одредени органи да ги синтетизираат хормоните што ја зголемуваат. Еден од тие хормони е и адреналинот, кој се испушта во крвотокот во сите стресни ситуации.
Другата причина зошто гладот е поврзан со лутината е тоа што и тие се контролирани од истите гени. Еден таков ген е невропептид Y, кој се ослободува кога сме гладни. Тој невропептид дејствува на различни рецептори во мозокот, вклучително и на Y1 рецептор. Освен што го контролираат гладот, тие исто така ги регулираат и лутината и агресијата.