X
 06.09.2018 Живот

Британец тврди дека го пронајде малезискиот авион МH370

Британецот Иан Вилсон е уште еден во низата луѓе што тврдат дека ја пронашле локацијата на исчезнатиот малезиски авион. Иан тврди дека авионот го пронашол на „Гугл Мапс“.

По теоријата за падот близу Мадагаскар и Австралија, теоријата на Вилсон открива дека авионот се срушил во дивината во Камбоџа. Тој тврди дека успеал да пронајде фотографија на која се наоѓа нешто слично на авион, а до која дошол преку детално пребарување на сателитските снимки на „Гугл Мапс“. Вети дека и лично ќе го посети ова подрачје за да се увери во тоа што го открил.

- Ако набљудувате малку подобро, јасно е дека авионот се наоѓа во најзеленото и најмрачното подрачје и дека е тешко да се пронајде - вели Вилсон.

gugl
Фото: Google Maps


Авионот на „Малезија ерлајнс“ исчезна на 8 март 2014 година на патот од Куала Лумпур до Пекинг. Многубројни истражувања и истраги за  несреќата не дадоа одговор на прашањето што се случило со авионот и 239-те патници што биле во него.

Пред два месеца малезиската влада ги објави резултатите од истрагата, признавајќи дека и понатаму не знае ништо сигурно. Претпоставуваат дека некој намерно го насочил авионот подалеку од планираната рута и не се исклучува можноста за киднапирање.

Една од теориите е дека главниот пилот, Захари Ахмад Шах, извршил самоубиство урнувајќи го авионот. Сепак, властите не сакаат експлицитно да обвинуваат додека не откријат зошто авионот бил пренасочен и исчезна.

За потрагата досега се потрошени милиони, иако и понатаму не се знае ништо. Ова се најчестите претпоставки за причините за исчезнувањето на авионот:

1. Самоубиство на пилотот или копилотот


Капетанот Захари Ахмед Шах можеби намерно го урнал авионот и се самоубил заедно со другите 238 луѓе. Извештајот покажува дека авионот намерно се исклучил од рутата, но истрагата не открила дека Шах имал некакви проблеми во неговиот приватен и професионален живот. Другата претпоставка е дека авионот бил урнат од копилотот Фарик Абдул Хамид, но и во врска со него не биле пронајдени никакви индикации што би ја поткрепиле теоријата.

2. Киднапирање

Иако ваквото сценарио не се исклучува, ниедна терористичка група досега не презела одговорност за какво било киднапирање. Исто така, не постојат докази дека авионот бил управуван од друго оддалечено место. Извештајот од несреќата укажува дека никој од патниците не знаел како да управува со авионот.

3. Оган и чад


Постои можност да експлодирале литиум-јонските батерии што ги има во мобилните телефони и лаптопите и со тоа да бил предизвикан пожар.

4. Хипоксија


Патниците и екипажот можат да паднат во несвест поради ненадеен недостиг на кислород во авионот. Според оваа теорија, капетанот со часови бил во несвест пред авионот да остане без гориво и да се урне.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот