X
 24.04.2021 Живот

Велшанец се испратил себеси по пошта - патувал 5 дена во дрвена кутија

Брајан Робсон сфатил дека направил грешка штом слетал во Австралија. Овој 19-годишен Велшанец немал пари за да се врати и да ги покрие трошоците за програмата за мигрирање со која патувал во 1964 година. Бидејќи неговите опции биле ограничени, тој смислил план да се врати дома криејќи се во кутија како багаж во авион.

Неодамна, над 50 години по ризичното патување, Робсон се обидел да ги пронајде пријателите Џон и Пол кои му помогнале да се качи на авионот. Робсон работел како кондуктер во автобускиот превоз во Велс кога се пријавил за работа на железница во Австралија.

Набрзо откако наполнил 19 години, тој се качил на авион и слетал на другата страна од светот за да започне нов живот во Мелбурн. Кога пристигнал, сфатил дека хостелот во кој бил сместен бил полн со стаорци и иако сè уште не почнал да работи, одлучил дека не сака да остане во Австралија.

Тој работел во железницата околу половина година пред да даде отказ и да си замине од хостелот. Робсон патувал низ Австралија, па се вратил во Мелбурн и нашол друга работа во фабрика. Но, сепак бил одлучен да се врати дома.


Фото: Брајан Робсон/Youtube

Робсон немал финансии за да купи билет и да ги врати парите за билетот до Австралија што ѝ ги должел на владата, а не заработувал доволно за да заштеди. Тој се вратил во хостелот за да види дали нешто се сменило и таму ги запознал Џон и Пол, кои штотуку пристигнале во Австралија од Ирска.

Тројцата забележале реклама на британска компанија за селење со слоган кој гласел „Можеме да преселиме сешто секаде“. Пријателите се шегувале дека можеби компанијата може да ги пресели и нив, но Робсон сериозно почнал да размислува за идејата. Пријателите се согласиле да му помогнат и Робсон купил дрвена кутија во која имало место за него, неговиот куфер, но и перница, шише за вода, шише за урина и мал чекан со кој би ја отворил кутијата кога ќе пристигне во Лондон.

Тој патувал преку Лос Анџелес бидејќи на директниот лет до Лондон немало место, па така на крајот Робсон патувал околу пет дена. Тој објаснил за Си-ен-ен дека постојано се онесвестувал и имал проблем со дишењето додека имал постојани болки.

Кога пристигнал во Лос Анџелес (а мислел дека е во Лондон), почекал да се стемни за да ја скрши кутијата и да излезе од аеродромот, но бил откриен од работници на аеродромот, кои виделе светло што излегувало од кутијата. Робсон бил однесен во болница, каде што останал шест дена.


Иако бил во САД нелегално, не била поднесена тужба против него и американските власти го испратиле на лет до Лондон, и тоа во прва класа. Робсон бил ѕвезда кога стигнал дома.

Тој вели дека сè уште има трауми од патувањето и тешко му е да зборува за искуството и сега.

- Тоа е дел од мојот живот што искрено сакам да го заборавам, но веројатно никогаш нема да го заборавам - изјавил Робсон.

Сепак, патувањето му донело и нешто позитивно. Тој напишал книга, која треба да биде објавена наскоро, за патувањето, а неговата приказна ќе биде прикажана и на филм.

Неодамна го прашале дали некогаш би се вратил во Австралија, а тој одговорил дека тоа би било само доколку некој му ги плати трошоците и само за да се види со Џон и Пол. Во кој било друг случај, не би се вратил.

Автор: Тамара Хардингем-Џил
Извор: cnn.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот