X
 27.05.2021 Политика

Франција, САД, Иран - земјите што наредиле слетување на комерцијални авиони во минатото

Принудното слетување на авионот на „Рајанер“ во Белорусија во текот на викендот и последователното апсење на белорускиот новинар во авионот предизвикаа бурни реакции во Европа. Авионот летал од Грција до Литванија и поминувал над Белорусија кога земјата испратила воен авион да го пресретне. Тврдејќи дека има закана за бомба, пилотите од воениот авион им дале насоки на пилотите во авионот на „Рајанер“ да слетаат во Минск.

Многумина беа шокирани од овој настан, но дали слични настани се случиле и претходно?

2013 - Авионот на претседателот на Боливија слетал во Виена

Во јули 2013 г. Ево Моралес се враќал назад за Боливија од самит во Москва кога неговиот авион принудно слетал во Виена откако повеќе други земји одбиле да му дозволат да влезе во нивниот простор. Причината за тоа е лажната вест дека Едвард Сноуден се наоѓал во авионот. Сепак, авионот на Моралес не бил пресретнат од никого, само не добил дозвола да влезе во воздушниот простор на повеќе земји. Освен тоа, тогашниот претседател летал со државен авион, а не со комерцијален.


Фото: Ево Моралес/Wikipedia

2010 - Милитант бил уапсен во Иран

Абдолмалек Риги, лидер на сунитска милитантна група, бил уапсен во Иран во февруари 2010 г. Иранските медиуми изјавиле дека тој летал до арапска земја преку Пакистан пред апсењето. На неговиот авион му било наредено да слета, а потоа бил уапсен.

Според некои медиуми, Риги бил во комерцијален авион на лет од Дубаи до Киргистан, а слетал во Иран, каде што тој бил уапсен. Не е сосема јасно како бил уапсен, но се знае дека бил егзекутиран во јуни 2010.

1985 - Американски воени авиони пресретнале египетски авион

Во октомври 1985 г. египетски авион во кој летале лица за кои се верувало дека се палестински милитанти бил пресретнат од американски воени авиони и бил принуден да слета во американска база во Италија. Милитантите претходно избегале со авионот по заробување на италијански брод во Средоземното Море, на кој имало стотици луѓе. Еден американски патник бил убиен.

Четворицата милитанти му дозволиле на бродот да се закотви во Египет, а тие се обиделе да избегаат од земјата на летот до Тунис, кој бил пресретнат од американските авиони.

1956 - Апсење на лидери на алжирско движење за независност

На 22 октомври 1956 г. петмина лидери на движење за независност на Алжир летале од Рабат, Мароко, до Тунис за да учествуваат на конференција. Алжир бил француска колонија во тоа време. Франција испратила воени авиони да го пресретнат комерцијалниот авион во кој биле Алжирците и го принудиле да слета во Алжир.

Помеѓу уапсените бил и Ахмед бен Бела, кој станал првиот претседател на Алжир откако земјата стекнала независност од Франција.


Фото: Групата Алжирци по апсењето од страна на Франција/Wikipedija

Автор: Клодија Ален
Извор: bbc.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика