Ако може да им се верува на критичарите и на публиката што имаше можност да го гледа филмот, новиот „Џокер“ на режисерот Род Филипс е апсолутен хит, еден од најдобрите овогодишни филмови и блокбастер што не смее да се пропушти.
Една од главните причини поради кои сите се толку воодушевени од филмот е главниот актер, секогаш одличниот Хоакин Феникс, кој совршено го претстави ликот и со својата изведба предизвика воодушевување кај публиката.
Тешко е да се бори против Џек Николсон и Хит Леџер
Ова не беше лесна задача за Фенкис бидејќи Џокер веќе имаше (најмалку) две легендарни филмски изведби.
За првата е заслужен легендарниот Џек Николсон во неверојатниот „Бетмен“ од 1989 година на Тим Бартон. Некои ќе кажат дека ликот на Џокер е како создаден за Николсон, што на талентираниот актер дополнително му ја олесни работата, но му ја направи потешка на неговиот наследник.
Другиот Џокер за кој и ден-денес се зборува го создаде сега веќе починатиот Хит Леџер во неверојатниот филм „Темниот витез“ на Кристофер Нолан. И додека некои и денес тврдат дека Николсон се наоѓа на врвот, фановите на Леџер не се согласуваат со тоа и сметаат дека Нолан ги постави темелите за создавање далеку покомплексен лик, што на Леџер му овозможило актерски и креативно да создаде уште една незаборавна филмска креација.
Џаред Лето, иако квалитетен актер, го немаше она што го имаа Николсон и Леџер, и поради лошото напишано сценарио и малата минутажа на големото платно, не успеа да создаде легендарен лик.
Ова не е обичен филм според стрипот
Откако во медиумите се појави веста дека новиот Џокер ќе го глуми Жоакин Феникс, за сите ова беше одлична одлука. Феникс е како создаден за оваа улога, а неговата досегашна филмографија само дополнително влева надеж дека она што е напишано на хартија ќе се претвори во нешто несекојдневно.
Феникс беше многу јасен и уште на почеток даде до знаење дека претходните Џокери немале апсолутно никакво влијание врз она што тој планира да го направи.
- Што се однесува до мене, филмот ме привлече затоа што ќе настапувам на сопствен начин. Не се потпирав на претходните изведби на Џокер бидејќи ни беше клучно сами да создадеме нешто - изјави тој.
Откако се појави првиот трејлер, беше и повеќе од очигледно дека филмот ќе биде нешто различно - неверојатен психолошки трилер кој повеќе потсетува на „Кралот на комедијата“ на Скорсезе отколку на „Темниот витез“ на Нолан.
Екстремна трансформација
За филмот, актерот во многу краток период изгуби 23 килограми.
- Се покажа дека тоа влијае врз психологијата. Почнувате да го губите разумот - објаснува Феникс и додава дека режисерот на почетокот на снимањето му дал бележник во кој актерот внесувал белешки и водел дневник.
„Џокер“ е самостоен филм во универзумот на Ди-си. Дејството е во Готам Сити во 1981 година, а Феникс го глуми Артур Флек, човек кој е на работ на сиромаштијата, живее со неговата мајка (Френсис Конрој) и работи како кловн за да сврзе крај со крај. Поради повреда на мозокот, Флек некое време поминува во ментална установа, а за неговиот случај се грижат социјални работници кои водат грижа за седум различни лека што тој мора да ги зема за, меѓу другото, да ја држи под контрола патолошката смеа што се појавува во најчесто непримерни моменти.
Готам е град со проблеми. Властите се борат против стаорци, улици полни со ѓубре, а општеството се наоѓа во огромна неволја поради растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните. Криминалот е во пораст, што особено влијае врз сиромашните населби, а во една таква живее и главниот лик. Иако е депресивен, Флек не се откажува. Сонува за кариера како стендап-комичар и сака да биде дел од популарната емисија на Муреј Френклин (Роберт де Ниро), но откако конечно ќе му се даде можност, тој станува национален предмет на исмејување.
Виновно е општеството
И додека падот во цистерна со киселина го изобличува лицето на немилосрдниот Џек Напиер и поради тоа се создава Џокерот на Џек Николсон, Џокерот на Флек го создаде искривеното и немилосрдно општество.
- Тешко е да се дефинира, а тоа не сакате ни да го направите. Понекогаш доволно му се приближував, па дури и наоѓав начини да се поистоветам со одредени делови од неговата личност и со она што го мотивира, но веднаш се оддалечував затоа што сакав да постои елемент на мистерија. Во текот на снимањето чувствував дека секој ден откривавме нови делови од неговата личност и така беше до последниот ден. Ме привлече неговата потрага по среќа и чувството на поврзаност, топлина и љубов. Ми претставуваше многу работи. Постојано се развиваше. Никогаш не сум искусил ништо слично - објаснува Феникс.
Посебно внимание посветил на карактеристичната смеа затоа што сакал тоа да биде нешто речиси болно, а истовремено мораше да се разликува од сè што претходно било направено.
Актерот со месеци работеше на насмевката.
- Не мислев дека ќе можам да го постигнам тоа. Вежбав и потоа го повикав Тод да дојде и да слушне. Морав да го направам тоа на самото место, но и пред некои други. Беше многу непријатно. Ми требаше многу време - вели Фенкис.
Што се однесува до сценариото, Филипс и Скот Силвер напорно работеа за да создадат нешто ново и уникатно, но верно на оригиналот. Но, наместо стриповите на Ди-си, суровоста и лудоста ја извлекуваа од други извори на инспирација: „Таксист“, „Серпико“ и „Човекот што се смее“ од 1928 година.
- Недостигот на емпатија во светот е една од главните теми во филмот. Мислам дека целта на овој Џокер е да гледа како светот е проголтан од пламен. Овој
Џокер има целосно различна цел. На почетокот на филмот бара идентитет и случајно станува симбол. Неговата цел е да ги насмее луѓето. Направил неколку лоши потези, но тоа беше негова првична намера - вели Филипс.