Град што се смета за модерно, софистицирано и пријатно место за западните туристи.
Иако претходно не сум стапнал на аеродромот во Дубаи, еден од најголемите во светот, знаев дека топлината, песокот и неограничената климатизација ме чекаат по терминалните врати.
Добив малку информации за тоа што да очекувам како патник во посета за време на рамазан во јули - деветтиот месец во исламскиот календар кога муслиманите постат од зори до самрак цел месец.
Ми беше кажано да се облекувам поскромно (покриени колена и рамо), јадењето и пиењето (дури и вода) на јавни места се забранети во текот на целиот месец, а алкохолот (ако знаете каде да го најдете) е премногу скап.
Иако Дубаи се смета за доста безбеден град, прочитав дека патувањето во градот за жена е многу потешко и постресно отколку за маж. Кога станува збор за локалните жители и туристите, постојат заблуди и стереотипи од двете страни, што може да биде збунувачко за патниците што патуваат првпат.
„Лоунли Планет“ вели дека странците понекогаш претпоставуваат дека сите жени на Блискиот Исток се прекриени, репресирани жртви, додека локалните жители ги гледаат западните жени како неморални и опседнати со секс.
Таа разлика меѓу културите често се заснова врз различните ставови за односите меѓу мажите и жените.
Која е реалноста?
Како дел од моето искуство во Дубаи ми беше дадена шанса да разговарам со група млади муслимански жени, за животот во градот, образованието, семејството, бракот и религијата.
Во град каде што само 10 отсто од жителите биле родени тука, овој разговор понуди редок увид во локалниот живот.
21-годишните Фатма и Сара зборуваа за тоа како и двете студираат на универзитет - едната на колеџ во Дубаи, другата во кампус во Охајо, Америка.
Додека јадевме заедно, сакав да дискутираме за стереотипите и заблудите што често ги следеа младите жени како нив.
Родена во Дубаи, Фатма пораснала во семејство со мајка, татко и постар брат. Таа е интелигентна, духовита и искрена во врска со нејзината религија, и вели дека често доаѓа до стигми околу третманот на жените. Фатма е единствената жена на колеџот што студира цивилно инженерство. Слободно зборуваше за религијата, излегувањето со момчињата и нејзиното искуство да се биде муслиманка во Дубаи.
- Кај нас кога еден маж ќе те види или можеби ќе ја види мајката или сестрата... тој се распрашува за тебе и ќе дознае за твоето семејство. Ако им се допадне тоа што ќе го слушнат, момчето и девојката се среќаваат. Ако е во ред, договараат свршувачка. И покрај тоа, тие не смеат да бидат сами. На пример, ако сум со мојот свршеник, тогаш мора да има човек со мене - или мојот брат, или мојот внук, или неговата сестра, за да не бидеме сами - вели Фатма.
Сара, која студира во Охајо, вели дека никогаш не сака да излезе со момче, ниту верува во тоа.
- Одењето во Америка е различно за другите луѓе. Јас се пронајдов како муслиманка, нешто на кое сум многу горда. Сакам да носам хиџаб и ми се допаѓа тоа што се покривам, без оглед на тоа што некој вели - раскажува Сара.
- Зошто да го трошам времето со некој за кој знам дека нема да го поминам остатокот од мојот живот? Наместо да го правам тоа, сакам да ја запознам вистинската личност и со неа да стапам во брак - додава Сара.
Фатма вели дека пред свршувачката, мажот и жената откриваат што сакаат кај еден маж или жена, пред бракот да стане официјален.
- Флертуваме, разговараме на телефон, но секогаш имаме придружба. Ако станеме премногу блиски, некој ќе нѐ запре. Но забрането е да се принуди брак. Тоа е голем грев - вели Фатма.
Како што вели Фатма, покривањето на лицето е поради убавината. Некои девојки се многу убави, така што не сакаат луѓето да ги урочат или да им бидат љубоморни, па го покриваат своето лице.
Мажите, пак, освен убавината, гледаат и жената да има високо образование.
- Жените што имаат многу убав и привлечен глас не разговараат со мажите. Тие носат
белегзија со која покажуваат дека не сакаат да разговараат. Обично имаат некој што ќе разговара наместо нив. Не сакаат да ги искушуваат мажите - вели Фатма.
Фото: Freepik