Вториот најголем град во Индонезија, Сурабаја, пронајде нов начин да ги поттикне своите жители да го рециклираат отпадот: даваат бесплатни автобуски билети во замена за користени пластични шишиња.
Според шемата лансирана од Сурабаја во април, патниците можат да се возат со црвените градски автобуси со ставање пластични шишиња во терминалите или директно да „платат“ билет со пластични шишиња.
Двочасовен автобуски билет чини 10 пластични чаши или 5 пластични шишиња, во зависност од нивната големина. Градот се надева дека оваа иницијатива ќе помогне во реализирањето на амбициозниот план за ослободување од пластичен отпад до 2020 година.
Сурабаја е првиот град во Индонезија што спроведува ваква шема.
- Ѓубрето, како пластичните шишиња, се насобира во моето соседство, па затоа го донесов тука за природната средина не само да биде почиста, туку и да им се олесни обемот на работа на собирачите на ѓубрето - вели еден жител на Сурабаја.
Податоците од градот покажуваат дека 15 отсто или речиси 400 тони од секојдневниот отпад на Сурабаја се пластика.
Шемата на плаќање билети со пластични шишиња може да собере до 250 килограми пластични шишиња дневно или приближно 7,5 тони за еден месец, покажуваат податоците.
По собирањето, етикетите и капачињата од шишињата се отстрануваат од отпадот и им се продаваат на аукција на компаниите за рециклирање. Парите заработени од аукцијата се насочени кон водење автобуски операции или финансирање на зелени површини во градот, кој се наоѓа на источниот крај на Јава, главниот остров на Индонезија.
Индонезија е четврта најнаселена земја во светот и е дом на најголемата тропска дождовна шума во Азија. Земјата се бори и со пречки во сообраќајот во своите пренатрупани градови.
- Индонезија е еден од најголемите учесници во светот кога станува збор за пластичниот отпад, и преку оваа иницијатива се надеваме дека ќе ја подигнеме јавната свест за животната средина, особено прашањата што се однесуваат на пластичното ѓубре - изјави Ирван Вахју Драјад, шеф на одделот за транспорт на Сурабаја.
Се смета дека Индонезија е втор најголем придонесувач на
загадувањето од пластиката во океаните, веднаш по Кина, укажува истражувањето спроведено во 2015 година.