X
 06.09.2019 Здравје

Газираните сокови се штетни за срцето, стомакот, но и за нервниот систем

Ново истражување објавено во списанието ЏAMA ги посочува безалкохолните газирани сокови, независно дали содржат шеќер или вештачки засладувачи, како фактор за зголемување на ризикот од предвремена смрт кај луѓето, па дури и како можен причинител за појава на Паркинсонова болест.

Проучувањата опфатиле над 450.000 возрасни лица од 10 европски земји – Данска, Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство во период од 19 години.

Заклучоците покажуваат дека луѓето што пијат две или повеќе чаши од 250 грама газиран пијалак на ден имаат поголем ризик од предвремена смрт за разлика од оние што пијат најмногу една чаша месечно. Всушност, тие што пијат сок со шеќер секој ден имаат поголеми шанси да умрат од проблеми со системот за варење, а пак, оние што секојдневно пијат газиран сок со вештачки засладувачи имаат повисок ризик да умрат од срцеви заболувања.

- Нашите резултати уште еднаш потврдуваат дека газираните пијалаци треба да се избегнуваат и да се заменат со други, поздрави сокови, а најубаво со вода - смета Нил Марфи од Меѓународната агенција за истражување на ракот.

Трудот, исто така, открива дека оние што дневно пијат една или повеќе чаши обичен или диетален газиран сок имаат поголеми шанси да заболат од Паркинсоновата болест и други нарушувања на нервниот систем. Но, на оваа теорија ѝ требаат дополнителни испитувања, велат стручните лица.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје