X
 22.11.2020 Наша тема

Стрес за петки, да се предава од дома или од училница, ковид-вакуумот, лекувањето и здравствените бариери, парите што треба да ги потрошиме догодина... Што пишувавме?

Колку реално може да биде оценувањето во услови на учење на далечина, какви проблеми имаат граѓаните за заштита и при лекување од Ковид-19, научните истражувања и достигнувања за да се справи светот со вирусот, државната каса за наредната година, успесите на младите и докажаните, но и нивните ставови за опкружувањето во кое живеат... беа само мал дел од она што минатата недела ѝ го понудивме на нашата читателска публика и предизвика најголем интерес.

Ставовите за тоа дали недела треба да се прогласи за неработен ден, нашите читатели сè уште може да ги искажат на анонимната онлајн-анкета на овој ЛИНК.



Што истражувавме неделава?

Поддршката на здравствениот сектор како прв приоритет, а економското заздравување - втор, заедно со мерките за социјално ранливи категории. Овие елементи ги посочија надлежните како најбитни при формирањето на буџетот за следната 2021 година. Беше истакнато дека фокусот следната година ќе биде насочен кон политики кои ќе поддржат инвестиции и ќе ја зголемат конкурентноста, и истовремено ќе ја поддржат реализацијата на капиталните инвестиции, што на среден рок би значело одржлив раст.
Според домашните економски експерти, иако плановите за предлог-буџетот за следната година изгледаат коректно, сепак, се проследени со голема неизвесност поради пандемијата.



Ни се случуваат навистина крупни воспитно-образовни грешки. Не прашуваме зошто се брза со оценувањето. Не се осмелуваме да прашаме. Зошто па ние да прашаме, кога никој не прашува. Прифаќаме дека мора. Ја стишуваме професионалната немоќ да допреме до децата и да им инјектираме дози на чесност, со кои цел живот ќе бидат имуни на фаќањето кривини и покусите патишта…, пишува Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште во својата колумна.

На изнаоѓање решение против пандемијата работи и велешкиот научник и доктор по хемија и биохемија Тони Тодоровски (39), кој е водач на тим од истражувачи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ (Barcelona Biomedical Research Park), кој е дел од Универзитетот „Помпео Фабра“ во Барселона. Се работи за заеднички проект на Шпанија, Португалија и Германија, наречен Noviruses2brain.Со самото тоа што е финансиран од ЕУ, Европската комисија ги обврзала сите што работат на антивирусни лекови автоматски да го вклучат и Sars-CoV-2.



Доколку пациентите имаат симптоми за Ковид-19, неретко се закажува термин за една недела, дури има и случаи за две недели. Дел од приватните лаборатории ги намалија цените за тестирање, но и тие суми се високи за многу граѓани. Колку се цените на ПЦР-тестовите?

Моли и Мет се влогери од Лондон кои имаат канал на „Јутјуб“ под наслов „Dabble and Travel“, со 120 илјади следбеници. Овие млади влогери постојано патуваат и преку снимки ги пренесуваат своите искуства. Последната дестинација за која објавија видеа на нивниот канал е Македонија, односно повеќе градови во земјава. Како ја доживуваат земјава?



Пандемијата на Ковид-19, но и стравот кај граѓаните драстично ја зголеми потрошувачката на „азитромицин“ (кај нас познат како „сумамед“) и „цефиксим“ (познат и како „панцеф“), антибиотици кои изминатиот период се препишуваат од матичните лекари и во многу случаи се користат во лекувањето на болните од коронавирусот, особено на оние што се лекуваат во домашни услови.
Само преку Фондот за здравствено осигурување во првите девет месеци се регистрирани илјадници рецепти за овие антибиотици, а поради енормниот раст на секојдневни позитивни случаи, се очекува Македонија оваа година да ја заврши со рекордна продажба на овие два антибиотика, особено ако на ова се додадат и лековите купени на приватно. Ова го потврдува и микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој е и претседател на Комисијата за контрола на антимикробна резистентност.



Политичари и граѓани ги оквалификуваа цените во приватните болници како многу високи. Тие коментираат дека депонираат пари однапред и доколку не се потроши депонираната сума им се враќа разликата, непотрошеното. Граѓаните што имаат можност се задолжуваат за да најдат спас за своите најблиски. Приватните болници, пак, ги образложуваат високите суми со методите и начинот на лекување што ги користат и за кои велат дека се далеку поквалитетни и пософистицирани од она што го нуди јавното здравство.

По две писмени на ден и уште по толку испитувања, плус есеи, проекти, презентации, домашни... Вакво стресно секојдневие овие две недели минуваат средношколците во земјава. Со барањето од надлежните оценките за првото тромесечје да бидат запишани до 20 ноември, рокот на оценување се сведе на две недели. Учениците одговараат на материјал по одредени предмети и по педесетина страници предадени во еден месец, наместо во двата вообичаени месеци кога училишната година почнуваше на 1 септември. Исцрпени се, под стрес, под притисок, имаат главоболки. Во успехот потфрлаат и солидни ученици, време за поправки нема, а препишувачи успеваат да добијат понекоја добра оценка.

За образование и наука во 2021 година државата планира да издвои околу 5,5 милиони евра повеќе во споредба со основниот буџет проектиран за оваа година. Ова е предвидено во предлог-буџетот за 2021 година, кој Владата го изгласа и го достави до Собранието. Во предлогот за Министерството за образование и наука се проектирани 27.128.062 илјади денари (околу 441 милион евра). За оваа година предвидената сума изнесуваше 26.785.938 илјади денари (околу 436 милиони евра), а потоа таа бројка имаше промени поради ребалансите. Каква е буџетската проекција?

Опасноста од радикализација на младите е токму во таа лажна свест за светот како нивните омилени мислители од левицата или десницата ги нудат сите потребни објаснувања за светот. Кога младиот човек станува опседнат од идеологијата, тој го затвора својот ум за критичко промислување на неговите ставови, изложување на себеси кон нови гледишта или толерантност кон туѓите погледи. Во крајности, ваквите ставови водат кон радикализација и девијантни однесувања, а не само кон затворен ум, пишува Радован М. Спиридонов, студент на Филозофски факултет во својата колумна.



Граѓаните од внатрешноста на државата се оставени сами на себе и понекогаш мора да патуваат и по стотина километри до друга општина или град за да направат тест за Ковид-19 зашто сè уште во голем дел од помалите градови нема пунктови за земање на брисеви. Дополнителен проблем во оваа ситуација е што се случува да нема слободни термини за тестирање на државна сметка, па жителите на Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Радовиш, Пехчево, Македонска Каменица мора да патуваат и до Скопје за да направат тест во приватните лаборатории, што за многумина претставува екстремно висок трошок, кој најчесто не можат да си го дозволат.

Група ентузијасти од Македонија ја покренаа иницијативата Electrify.mk водени од идејата да видат што повеќе електрични возила на патиштата во земјава. Нивната мисија е да ја забрзаат транзицијата на државата кон електричен транспорт, обезбедувајќи супербрза мрежа на електрични полначи. Освен поставување брзи полначи, целта им е да го едуцираат населението за електричните возила и да иницираат приспособување на законите во државата во делот на електромобилност по теркот на Словенија и други европски земји. Разговараме со Иван Ивановски, иницијатор на Electrify.mk.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема