X
 06.09.2022 Наука

НАСА ги претвори во музика првите фотографии од телескопот „Џејмс Веб“

Тимот на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ преведе некои од првите фотографии на телескопот во музика. Наречена сонификација, целта е да се направат сликата и податоците на „Џемјс Веб“ разбирливи преку звукот за да им се помогне на слушателите да создадат свои ментални слики.

Сонификацијата е процес на користење звук без говор за да се пренесат визуелни информации. Тимот на „Џејмс Веб“, заедно со „Јуниверз оф лернинг“ на НАСА, работеше со музичари кои преведоа неколку од фотографиите на телескопот во сложени звучни пејзажи преку доделување уникатни ноти на различни области на сликите. На пример, најновата сонификација ги преведува космичките карпи на маглината Карина во музика.



- Сонификациите прво ги поддржуваат слепите и оние со слаб вид, но се дизајнирани и да ги воодушеват сите оние што слушаат. Оваа сонификација, која ја скенира сликата од лево кон десно, беше приспособена на видео за да им овозможи на гледачите да гледаат како се движи вертикалната линија низ кадарот. Саундтракот е живописен и исполнет, претставувајќи ги деталите во оваа гигантска, гасовита празнина што има изглед на планински венец. Маглината Карина е голем облак од гас и прашина каде што се формираат или веќе се формирале ѕвезди - велат од тимот на „Џејмс Веб“.



НАСА објаснува дека боите на сликите биле мапирани според висината на звукот; накратко, фреквенциите на светлината биле директно претворени во фреквенции на звук.

- Овие композиции даваат поинаков начин да се доживеат деталните информации во првите податоци на „Џејмс Веб“ - вели Кујен Харт, постар научник од Научниот институт за вселенски телескоп во Балтимор, Мериленд.

- Нашите тимови се посветени да обезбедат астрономијата да биде достапна за сите - додава тој.



НАСА вели дека има длабоки придобивки од овие адаптации и се надева дека сонификацијата на податоците од истражувањето на „Џејмс Веб“ ќе им помогне на повеќе слушатели да почувствуваат посилна врска со универзумот.



Извор: Petapixel.com 
Насловна фотографија: NASA, ESA, CSA, STScI
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука