X
 27.03.2024 Наука

Научници тестирале нов ВИ-алгоритам - може да предвиди дали ќе умрете за 4 години

Дански научници обучиле вештачка интелигенција врз основа на податоци од милиони луѓе за да може подобро да предвиди одредени фази од човечкиот живот, вклучувајќи го и приближното време на смртта. Имено, креаторите на „лајф2век“ сакале да ги истражат шаблоните и врските што ги користат таканаречените програми за длабоко учење за да предвидат широк опсег на настани од здравјето или социјалниот живот на луѓето.

- Тоа е многу општа рамка за предвидување на фазите од човечкиот живот. Може да ги предвиди до одреден степен сите аспекти за кои е обучена и за кои има увид во базата на податоци. Моделот може да предвиди здравствени исходи. Потоа може да предвиди плодност или дебелина. Или дали некој ќе добие рак или не. Може да пресмета и дали ќе заработите многу пари - истакна физичарот и компјутерски научник Суне Леман од Техничкиот универзитет во Данска.

„Можеме да кажеме дека животот е едноставно низа на настани“

Гореспоменатиот алгоритам користи сличен процес на „Чет-ГПТ“, но наместо текст, анализира променливи кои влијаат врз животот како: раѓање, образование, неделно работно време, распоред и слично.

- Можеме да кажеме дека животот е едноставно низа на настани: се раѓаме, одиме на педијатар, одиме на училиште, се селиме, стапуваме во брак итн. - вели Леман.

Откако научниците ја претставиле програмата, на интернет се појавиле многу лажни страници со новиот „калкулатор на смртта“. Експертите предупредуваат дека софтверот е приватен и моментално недостапен на интернет.

Кога станува збор за предвидување на смртта, алгоритамот е во право 78 отсто од случаите


Моделот „лајф2век“ се заснова на анонимни податоци за околу шест милиони Данци, собрани од официјалната агенција „Статистикс Денмарк“. Кога станува збор за предвидување на смртта, алгоритамот бил во право 78 проценти од времето - кога станува збор за предвидување дали некое лице ќе се пресели во друг град или држава, тоа било точно 73 проценти од времето.

- Ја разгледувавме раната смртност. Така, зедовме група на возраст меѓу 35 и 65 години и се обидовме да предвидиме, врз основа на периодот од осум години од 2008 до 2016 година, дали некое лице ќе почине во следните четири години. Моделот тоа може да го направи многу добро, подобро од која било друга програма - рекол Леман.

Со фокусирање на помладата/средната возрасна група, научниците можеле да ја проверат веродостојноста на алгоритамот.

-Засега тоа е истражувачки проект. Разгледуваме што е можно, а што не - истакнал Леман.

Научниците наведуваат дека се работи за систем кој е своевидна противтежа на инвестициите на големите технолошки компании.

- И тие можат да прават вакви модели, но не ги објавуваат. Не зборуваат за нив. Тие ги создаваат, за да ви продадат повеќе реклами или повеќе производи. Затоа е важно да имаме ваква противтежа, за вистински да разбереме што може да се направи со слични податоци - заклучил тој.

Извор: Index.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука