X
 06.10.2018 Образование

Децата не знаат како изгледа прасе, пиле или зајак, а за кравата мислат дека е виолетова

Голем дел од децата од пониските одделенија од основно училиште не знаат како изгледаат домашните и другите животни, на пример прасе, пиле, зајак и други, велат од Ветеринарната станица од Ѓаково, Хрватска.

Директорот на Ветеринарната станица, Анте Стрмотиќ, предупредува дека звучи неверојатно и крајно загрижувачки тоа што добар дел од децата никогаш немале непосреден контакт со животните.

Податокот е уште попоразителен со оглед на тоа дека станува збор за помал град, кој буквално е опколен со интензивно земјоделство. Ветеринарната станица во својата амбуланта за мали животни организира посети за учениците од основните училишта во Ѓаково и околните села, па уште поневеројатно звучи фактот дека едно селско дете не знае за некои домашни и диви животни.

- На децата им покажуваме мали кучиња, мачиња, пилиња и зајаци. Реакциите се неверојатни, а прашањата одат и до крајна баналност. На многу од нив тоа им е прва средба со некои животни, па или, во недостиг од искуство, покажуваат неверојатен страв или воопшто го немаат, не внимавајќи воопшто како некое од тие животни ќе реагира на допир. Бидејќи кај добар дел од децата сликата за некое домашно или друго животно се сведува на ликови од сликовници и цртани филмови - вели директорот.

Тој објаснува дека децата не препознаваат ни пиле, а за кравите мислат дека се виолетови.

- Неверојатно е што дел од децата, пилето - она малото, жолто слатко пиле што го илустрираат за Велигден - речиси воопшто не го препознаваат. Не ги знаат ни видовите животни, а незнаењето оди до апстракција. Можете ли да замислите во еден град како Ѓаково 90 отсто од децата да немаат видено гуска во живо, дел од децата никогаш во живо не виделе патка... Велат дека не знаат што е тоа. На прашањето како изгледа кравата, велат дека таа е виолетова. Но, од една страна, не може да се замери затоа што има сè помалку можности да видат крава тука или во околината со оглед на тоа дека денес нив ги одгледуваат само неколку фарми и домаќинства. Голем процент од децата не виделе ни прасе во живо - објаснува Стрмотиќ.  

Ветеринарната станица се одлучила за организирани посети на ученици откако уочила дека децата при посетите со нивните родители покажувале големо незнаење и зачуденост кога станува збор за животни, и тоа за оние што се вообичаени за тие простори.

Психологот Мирјана Назор вели дека звучи неверојатно родителите да немаат потреба да ги учат децата за животните, да им ги покажуваат во реални ситуации. И ова е доказ колку денешните деца растат само со компјутери, модерна технологија, без класична игра, дружење, запознавање на природата и општеството.

Стрмотиќ посочува и на погрешниот пристап на родителите при објаснувањето на децата кога јадат месо, избегнувајќи притоа да ги соочат со тоа од кое животно е тоа месо.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование