Ансамблот мачки во московскиот театар изведува интересни перформанси на велосипеди, жици и други акробатски реквизити, а најголемите ѕвезди уживаат во луксузно сместување и имаат посебен третман.
- Мачките не прават ништо под присила, но можно е со нив да се постигне договор, со оглед на нивните природни способности и потреби. Доколку има љубов и заемно почитување, успехот доаѓа сам. Невозможно е зад кулисите да ја казните мачката и потоа од неа да очекувате настап. Тоа со мачките не оди така - истакнува Дмитриј Куклачев, заменик-директор на театарот.
Театарот на мачките е основан во далечната 1990 година од страна на Јуриј Куклачев со цел да ја направи неговата кариера на циркуски кловн поинтересна и единствена. Во целиот проект му помогнал синот Дмитриј, кој има исклучителни уметнички таленти.
Дмитриј истакнува дека во театарот живеат околу 200 мачки кои глумат во 12 претстави, а има и 30 мачки што се во пензија.
- На публиката ѝ нудиме 12 претстави. Со гордост го истакнувам тоа бидејќи во споредба со драмските театри, нам ни е потребно многу повеќе време, околу пет години, да подготвиме нова претстава - вели Дмитриј.
Тој додава дека на претставите им претходи и исцрпувачки процес на одбирање, а потоа и тренинг на мачките за тие да бидат подготвени за излегување на
сцена.
Фото: National Geographic
- Мачките мора да се здрави, да имаат различни таленти и да бидат весели. Како го гледаме тоа кај мачките? Па, едноставно мора да биде љубопитна и да ги истражува сите детали во новиот простор. Ако го прави тоа, тоа е првиот знак за уметничка дарба. Откако ќе го утврдиме постоењето на талентот, следуваат прегледите на психо-физичкото здравје на мачките - објаснува тој.
Меѓу најпознатите актери од московскиот мачешки театар е мачорот Борис, кој глуми и во реклами за храна за мачки.