X
 06.10.2019 Наука

Првата слика од космичката мрежа што ги поврзува сите галаксии

Првпат во историјата научниците директно набљудувале нешто што се нарекува „космичка мрежа“, голема мрежа на водородни канали за кои се верува дека ги поврзуваат сите галаксии во универзумот.

Астрофизичарите ја забележале космичката мегаструктура како се прикрадува меѓу галаксиите, 12 милијарди светлосни години оддалечена во соѕвездието Водолија. Не само што е значително научно откритие, потврдата за постоењето на мрежата исто така ѝ дава кредибилитет на одредена хипотеза за тоа како настанале галаксиите.

Според приказната, Големата експлозија го преплавила новоформираниот универзум со облаци од водороден гас кој на крајот колабирал во ленти и структури во форма на филаменти. Точките во кои тие филаменти од космичката мрежа се сретнале станале места за формирање на галаксии кои се хранат од водородот за да формираат ѕвезди.

Оваа хипотеза долго време беше поддржувана од компјутерски симулации, но директните набљудувања на новите галаксии кои се формираат по должината на космичката мрежа служат како потребниот реален доказ, стои во истражување објавено во списанието „Сајенс“.

Претходно научниците само забележуваа повремени гасовити облаци како се протегаат нанадвор од галаксија. Наоѓањето на замаглените филаменти барало способност за филтрирање на преостанатата светлина во космосот.

- Ова сугерира дека гасот кој паѓа крај филаментите под силата на гравитацијата предизвикува формирање на ѕвездородни галаксии и супермасивни црни дупки, давајќи му ја на универзумот структурата што ја гледаме денес - истакна водечкиот истражувач Хидеки Умехата од Универзитетот во Токио.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука