Околу 68% од универзумот е составен од темна енергија - мистериозна сила која се смета дека го поттикнува ширењето на универзумот. Другите 27% се темна материја, која како што објаснува ЦЕРН „не апсорбира, одразува или емитува светлина“ иако се чини дека ги повлекува нештата во универзумот кои ние можеме да ги видиме.
Но, сепак постојат многу работи кои ние не ги знаеме. За попрецизното да ги измерат ефектите на темната енергија, тим на истражувачи составен од физичари и астрономи го создадоа она што тие го опишуваат како „најголемата, три-димензионална мапа на далечни галаксии“.
Сликата ги покажува позициите на 48.741 галаксии околу 6 милијарди години во минатото и зафаќа површина од околу 1/20-тина на небото, покажувајќи парче од вселената кое е 6 милијарди светлосни години широко и 4.5 милијарди светлосни години високо. (Секоја точка е галаксија).
Исто така покажува и длабочина, користејќи боја (жолтата е близу Земјата, а виолетовата е подалеку), со што парчето е 500 милиони светлосни години „дебело“. Начинот на кој галаксиите се групираат заедно во она што ние го знаеме како супергрупи ја прикажува структурата на универзумот и привлечната сила на гравитацијата.
Сепак, сликата прикажува само 3% од она што е маркирано на мапата - мапата на истражувачите вклучува 1.2 милион галаксии.
„Ја создадовме најголемата мапа за проучување на 95% од вселената што е темно“, вели Дејвид Шлегел, астрофизичар во Националната лабораторија Лоренс Беркли. Шлегел е главниот истражувач од тимот кој ја создаде мапата. „На оваа мапа можеме да видиме како галаксиите гравитациски се повлечени кон други галаксии од темната материја. Со многу поголеми размери, се гледа и ефектот на темната енергија која се одвојува од универзумот“.
Самата мапа е направена со мерење на ефектите на брановите од притисокот кои патувале низ универзумот кога тој бил само 400.000 години стар, пред повеќе од 13 милијарди години.
На фотографијата подолу можете да видите како парче од 10% од мапата може да се прошири за да се прикаже три-димензионална структура на универзумот, со празнини на ништожност и светли супергрупи од галаксиите.
„Сега можеме да измериме колку галаксиите и ѕвездите се групират заедно како функција од времето до толкава точност што можеме да го тестираме генералниот релативитет на космолошки размери“, вели Ширли Хо, астрофизичар на Беркли лабораторијата и на Универзитетот Карнеги Мелон.
Истражувачите велат дека досега се чини дека податоците го поддржуваат стандардниот космолошки модел на универзумот.
Во иднина овие резултати ќе им овозможат на истражувачите да ги покажат ефектите на темната енергија и би можеле да откријат она што истражувачите го нарекуваат „иднината на нашата вселена“.