X
 01.07.2020 Култура

Посетителите на „Лувр“ ќе може да уживаат во „Мона Лиза“ сами

Музејот ќе ги отвори вратите на 6 јули по прекинот предизвикан од пандемијата. Се најавуваат големи промени.

Пандемијата на коронавирусот ја затвори Европа во март, принудувајќи многу културни институции да ги затворат вратите за посетители и да ги префрлат изложбите на интернет. Но, како што земјите ги укинуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, многу бизниси и институции повторно ги отвораат вратите за гостите.

Секако, искуството е различно. На пример, во Италија, гостите во музеите добиваат синџирче за физичко дистанцирање кое постојано ја следи нивната локација. Во Франција следната недела ќе се отвори најпопуларниот музеј во светот - „Лувр“. Отворањето е на 6 јули.


Фото: „Лувр“/Pixabay

Она што порано беше впечатливо за музејот - големите редици и метежот - сега е дел од минатото. Од музејот изјавиле дека посетителите ќе треба преку интернет да резервираат временски период за посета. Сите над 11 години мора да носат маски и задолжително е користењето на гел за дезинфекција пред влегување во зградата.

Со оглед на тоа што „Мона Лиза“, ремек-делото на Леонардо да Винчи, е една од главните атракции во францускиот музеј, осмислен е план за луѓето да може безбедно да уживаат во сликата и да направат фотографија со неа. Во просторијата во која се наоѓа сликата ќе може да влегуваат по двајца посетители кои ќе имаат од 10 до 15 минути за посета.

На подот ќе има нацртани кругови кои ќе посочуваат каде треба да стојат посетителите. Откако ќе излезат од галеријата, посетителите нема да може да се вратат назад.


Фото: Pixabay

Следната недела ќе се отворат околу 70% од галериите во музејот, меѓу кои и популарните изложби за антиквитети од древен Египет, Грција и Рим.

Во 2018 г. „Лувр“ го посетиле рекордни 10,2 милиони посетители, од кои повеќето биле од странство. Франција сè уште не ги отворила границите, па првите посетители на музејот веројатно ќе бидат мештани.

Од 15 јуни биле направени околу 12.000 резервации за посета. Не треба да се каже дека сега е вистинско време да се посети најголемиот музеј во светот доколку се наоѓате во Франција.

Автор: Добрина Жекова
Извор: departures.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура