Пред неколку години лекари во Канада почнаа да им „препишуваат“ уметност на своите пациенти давајќи им бесплатен пристап до локален музеј.
Идејата беше дека прошетката меѓу ремек-делата и набљудувањето уметнички слики може да придонесе за подобро физичко и ментално здравје на пациентите.
Ново истражување од Обединетото Кралство сугерира дека ова не е толку необична идеја. Уметноста навистина може да влијае врз биолошките показатели на стареењето.
Научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон откриле дека уметничка или културна активност во текот на неделата може да го забави темпото на стареење приближно исто колку и вежбање еднаш неделно.
- Нашето истражување дава први докази дека уметничкиот и културниот ангажман е поврзан со побавно биолошко стареење. Ова се надоврзува на сè поголемиот број докази за влијанието на уметноста врз здравјето, при што е покажано дека уметничките активности го намалуваат стресот, ги намалуваат воспаленијата и го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, исто како што тоа го прави вежбањето - вели главната авторка и епидемиолог Фејфеи Бу од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Истражувачите анализирале здравствени податоци на повеќе од 3.500 возрасни лица во Обединетото Кралство, вклучувајќи неколку епигенетски часовници – кои можат да ја проценат брзината на биолошкото стареење, како и тоа колку често учесниците учествувале во уметнички или културни активности.
Овие активности вклучувале посети на музеи или библиотеки, одење на уметнички изложби, рачни изработки, сликање, пеење, танцување и многу други.
Учесниците во истражувањето што се занимавале со некоја од овие активности најмалку еднаш неделно покажале побавни знаци на стареење од оние што поретко учествувале во културни активности. Еден од нивните епигенетски часовници „отчукувал“ 4 отсто побавно отколку кај оние што ретко биле вклучени во уметноста.
Наодите биле најизразени кај лица на средна возраст, а колку била поголема разновидноста на уметнички и културни активности, толку биле подобри показателите за стареење.
Епигенетските часовници се несовршени модели осмислени да предвидат колку брзо или бавно некој старее. Тие се базираат на одредени врски меѓу начинот на живот, влијанието врз експресијата на гените и здравствените исходи.
Не постои еден единствен часовник кој може сè да објасни, туку повеќе различни часовници базирани на аспекти од стареењето на кои истражувачите сакаат да се фокусираат.
Ова истражување разгледувало дури седум различни верзии. Еден од најновите часовници во истражувањето го мери темпото на стареење. Во споредба со лица што учествувале во уметнички активности помалку од трипати годишно, оние што учествувале во најмалку три или повеќе активности годишно покажале 2 отсто побавно стареење.
Месечната активност била поврзана со 3 отсто побавно стареење, додека неделната активност со 4 отсто побавно стареење.
Друг часовник ја споредувал хронолошката возраст на човекот со возраста која неговото здравје најдобро ја одразувало, концепт познат како „биолошка возраст“.
Во споредба со оние што ретко учествуваат во уметнички активности, лицата што учествувале во уметничка или културна активност најмалку еднаш неделно биле во просек една година „помлади“, според часовниците. Тоа е речиси двојно поголема разлика од онаа меѓу луѓе кои вежбале најмалку еднаш неделно и оние што не вежбале.
- Овие резултати го покажуваат влијанието на уметноста врз здравјето на биолошко ниво. Тие даваат докази дека уметничкиот и културниот ангажман треба да се препознае како однесување што го унапредува здравјето, слично како и вежбањето - вели главната авторка и епидемиолог Дајзи Фанкорт, која речиси една деценија ги истражува здравствените придобивки од уметноста на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Можно е во иднина лекарите и во други делови од светот да им „препишуваат“ посети на музеи или уметнички активности на своите пациенти. Впрочем, некои веќе препишуваат и излети во природа.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific