Кубанците од денес ќе можат да пристапат на интернет преку своите мобилни телефони, соопшти вчера државната телекомуникациска компанија „ЕТЕСЦА“, обележувајќи пресврт во земјата.
Речиси половина од вкупно 11,2 милиони жители на Куба имаат мобилни телефони, но не сите ќе можат да си дозволат мобилен интернет.
Во една информативна емисија директорите на телекомуникациската компанија објавија различни едномесечни пакети, почнувајќи од еден од 600 мегабајти по цена од 7 долари, до пакет од 4 гигабајти за 30 долари. Доколку корисникот не сака пакет, 100 мегабајти ќе го чинат 10 долари.
Многу Кубанци нема да можат да си го дозволат тоа бидејќи просечната плата во оваа земја е околу 30 долари месечно и многу луѓе се зависни од парите што им ги праќаат роднините од странство или работат дополнителни работи за да си го зголемат буџетот.
Куба значително заостануваше зад мнозинството земји кога станува збор за интернетот, како поради недостигот од готовина, така и поради долгогодишните трговски санкции од САД и загриженоста поради проток на информации.
До 2013 година интернетот главно беше достапен само за луѓето во хотелите на островот. Меѓутоа, владата оттогаш го стави поврзувањето како приоритет, воведувајќи сајбер-кафулиња и пунктови за Wi-Fi пристап на отворено, започнувајќи бавно приклучување на домаќинствата во мрежата.
Кубанскиот претседател Мигел Дијас Канел заговара поголема поврзаност на земјите, истакнувајќи го потенцијалот на интернетот за раст на економијата. Тој во
октомври си направи и профил на „Твитер“.