X
 27.09.2021 Живот

Куба очекува да постигне целосна имунизација со своите вакцини до 31 декември

Куба очекува да постигне целосна имунизација против ковид-19 со сопствени вакцини до крајот на годината, рече претседателот на островската држава во четвртокот, на Генералното собрание на Обединетите нации.

Претседателот Мигел Дијаз-Канел голем дел од своето обраќање посвети на ембаргото од страна на Соединетите Американски Држави, политиките на економска принуда и лишување, за кои рече дека се наменети да ја избришат кубанската револуција од политичката карта на светот.

Но, тој ги пофали медицинските и научните заедници на Куба за нивните херојски достигнувања во создавањето вакцини против коронавирусот. Повеќе од една третина од Кубанците се целосно вакцинирани.

- Очекуваме да постигнеме целосна имунизација до крајот на 2021 година, што ќе ни овозможи да напредуваме во борбата против новиот бран на пандемијата - рече Дијаз-Канел.

kovid
Фото: Freepik

Куба беше тешко погодена од делта-сојот на коронавирусот, што го влоши недостигот на основни медицински материјали во Куба. Недостигот на лекови, медицински кислород и тестови за коронавирусот ги зголеми социјалните тензии и предизвика антивладини протести во јули. Мексико минатиот месец испрати резерви на кислород до Куба, а активистите во Соединетите Држави испратија два милиони шприцови.

Колку и да е горда кубанската Влада на вакцините, тие допрва треба да добијат одобрување од Светската здравствена организација. Податоците од клиничките испитувања на вакцините допрва треба да се објават во меѓународни списанија со рецензија.

Овој месец Куба почна да вакцинира деца на возраст од 2 години против коронавирусот, со што стана единствена земја досега што ги имунизира толку малите деца. Потегот доаѓа поради продолженото затворање на училиштата во Куба во текот на поголемиот дел од пандемијата, што предизвика огромна фрустрација кај родителите. Онлајн учењето не е опција во Куба поради високата цена на интернет-пристапот.

Извор: New York Times
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот